До Советот сѐ уште не се пристигнати пријавите од кандидатите за државен јавен обвинител
До Советот на јавни обвинители сѐ уште не се доставени пријавите од кандидатите кои конкурирале на огласот за избор на нов Јавен обвинител. Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека ќе постапи веднаш штом пријавите формално стигнат во законски предвидениот рок.

-До овој момент сѐ уште не стигнале пријавите на кандидатите. Кога ќе стигнат, во законски рок од 15 дена, ќе дадеме одговор за кандидатите, изјави Бесими.
Тој додаде дека имињата на кандидатите веќе се познати во јавноста, но дека формално нема да објави ништо додека не пристигнат официјалните документи.
-Во принцип ги знаеме сите кандидати, но ќе ги разгледаме пријавите и на седница ќе одлучиме, додаде тој и појасни дека по разгледувањето на документацијата, Советот ќе ја извести Владата во законскиот рок.
Иако официјално не се потврдени имињата на кандидатите, како што некои од пријавените и самите потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
По седница на Владата, од пред два дена, владината портпаролка Марија Митева соопшти дека е донесен заклучок поврзан со петте кандидатури за државен јавен обвинител, процесот преминува во следната законска фаза – доставување на комплетната документација до Советот на јавните обвинители. Советот, согласно законските одредби, има рок од 15 дена да достави мислење до Владата за секој од кандидатите.
По добивањето на мислењето од Советот, Владата треба да утврди предлог и да го достави до Собранието, каде со 61 глас се избира новиот државен јавен обвинител.
Во оваа постапка се применува редоследот утврден со Законот за јавното обвинителство. Ако Советот не достави позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да предложи избор и Собранието мора да распише нов оглас.
Постапката следи по оставката на претходниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесена во декември минатата година, по што функцијата в.д. државен јавен обвинител ја извршува Анита Тополова-Исајловска, но најмногу до шест месеци, поради што изборот на нов носител на функцијата е неопходен во предвидениот рок.
Бесими ја одложи денешната седница на Советот на неодредено време поради немање кворум за работа.
За денешната седница беа предвидени повеќе точки, меѓу кои и записникот на Комисијата по постапката за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, поднесена од јавниот обвинител Ленче Ристовска.
Советот требаше да одлучува и по два дисциплински предмети, а требаше да донесат и одлуки за објавување огласи за избор на јавни обвинители во Основните јавни обвинителства во Ресен, Крива Паланка и Кочани.






