Документот што го обелодени ССМ е доказ во судска постапка и неговото објавување е кривично дело, рече Митовски
Сакам да го информирам Дарко Димовски дека со објавување докази дадени во судска постапка, кои содржат лични податоци, тој изврши кривично дело по член 149 злоупотреба на лични податоци од Кривичниот законик на Република Македонија, рече в.д. директорот на „Водовод и канализација“
Лекарскиот извештај, кој денеска пред јавноста го обелодени првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, е доказ во судска постапка во која јас тужев за мобинг на работно место. Ова го изјави на денешната прес конференција в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Марјанчо Митовски откако претходно СУТКОЗ и ССМ излегоа со обвинување за психичката состојба на Митовски.
„Сакам да го информирам Дарко Димовски дека со објавување докази дадени во судска постапка, кои содржат лични податоци тој изврши кривично дело по член 149 злоупотреба на лични податоци од Кривичниот законик на Република Македонија“, нагласи Митовски.
Тој, исто така, рече дека жали што синдикалната борба и борбата за работнички права поради лични интереси на некои поединци се сведе на лична пресметка со него.
„Што се однесува до наводните пресметки, откази и навредувања веднаш сакам да потенцирам дека до овој момент ниту еден редовно вработен во ЈП „Водовод и канализација“ не е избркан од работа. Точно е дека има хоризонтални поместувања кои не се со решение, кои не се трајни туку се времени задолжувања поради реална потреба на претпријатието. Ниту се скратени платите на овие десетина привремено прераспоредени лица ниту се намалени бодови за плата ниту, пак, се деградирани на било каков начин. Она што е точно е дека од нив се бара единствено да работат, да си ги извршуваат своите работни задачи за кои се платени“, рече Митовски.
Според него, не е точно дека се водат дисциплински постапки против 40 лица, постојат, како што рече, неколку дисциплински поради тешки повреди на работното место кои биле констатирани од внатрешната ревизија за кои следат постапки по службена должност.
„Ги охрабрувам синдикалците максимално да го искористат своето право на штрајк, да се борат за работничките права сега кога имаат можност, затоа што кога јас бев жртва на мобинг и моите права беа прекршени ниту овој ниту било кој синдикат немаа можност да застанат во одбрана на моите работнички права ниту на моите колеги бидејќи беа заплашувани, уценувани и замолчувани“, рече директорот на „Водовод и канализација“.
Претходно денеска СУТКОЗ и ССМ предупредија дека Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска треба да ги спречат сите незаконски активности на в.д директорот Марјанчо Митовски поради што тие можат да значат значителна материјална и финансиска штета за јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје. Синдикатите побараа од градоначалничката Арсовска да ги прими за да ги остават сите аргументи на маса и да ги сфати моменталните состојби.
Според претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, Град Скопје и градоначалничката Арсовска треба да ги спречат сите незаконски активности на в.д. директорот Митовски.
Тие објавија извештај од специјалист во кој е утврдено дека Марјанче Митовски има дијагноза мешано, анксиозно и депресивно растројство. Дополнително е наведено во извештајот дека има конфликтна состојба на работа, напнат, вознемирен со лоши мисли, рекоа од СУТКОЗ и ССМ.