Досиејата на тајната полиција Штази – крај на една ера

Службата за актите на Штази е наследство од една мирна револуција во ГДР. Таа сега се укинува, но нејзиниот дух ќе продолжи да живее во друга форма.

Бројката е впечатлива, всушност гигантска: од 1991 до сега се поднесени 7.353.885 барања за увид во документите на Министерството за безбедност на ГДР. Речиси половина од нив (46%) се од луѓе кои сакаат да знаат што знаела лично за нив поранешната тајна полиција на ГДР, Штази. Што знаела за нивниот приватен живот, политичките ставови, плановите за бегство. Сето ова и многу повеќе стои во извештаите на информаторите, кои се создадени за четириесетте години на ГДР и се сумирани во акти наредени во недоглед во должина од 111 километри.

Граѓански активисти од ГДР успеаја во мирна револуција во 1989/90 да спречат овие акти на Штази да бидат уништени. Благодарение на нивниот посветен ангажман, и покрај големата резервираност на Западот, се случи и отворањето на досиејата. За таа цел во обединетата Германија беше отворено целосно нова институција чие име не звучеше многу разбирливо: Повереник за документацијата на службата за безбедност на некогашната Германска Демократска Република. Или народски кажано „службата за актите на Штази“.

Годишнините од падот на Берлинскиот ѕид предизвикуваа зголемен интерес

Поранешниот активист за граѓански права во ГДР, Роланд Јан, ќе биде запаметен како последен нејзин шеф, бидејќи на 17 јуни оваа историски уникатна институција ја губи својата независност. 31 година по нивното спасување досиејата заминуваат во Сојузниот архив. Таква одлука донесе Бундестагот во ноември 2020 година по долгогодишна дебата на темата. Со тоа е јасно дека 15-от извештај кој го имаше доставено Јан е и последен биланс.

Во 2020 беа доставени 23.686 барања за пристап до актите, што е значително помалку од претходната година, кога беа доставени 35.554. Релативно високиот број во 2019. веројатно се должи на јубилејот од таа година, кога се славеше 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Сличен феномен имаше и во годината кога се одбележуваше 25-годишнината од падот на Ѕидот. Се чини потсетувањето на овој историски настан инспирира многу луѓе да се позанимаваат со своето минато.

Притоа, Штази често игра болна улога, пред сѐ за луѓето од ГДР.

„На некои им треба подолго време додека да решат да се занимаваат со сопствената приказна“, вели Јан. Околу 20% од барањата се поднесени од роднини на веќе починати лица, кои сакаат да се позанимаваат со животот на своите родители или баби и дедовци од поделената Германија.

Барања за преглед на Штази-актите доаѓаат од целиот свет

Фактот дека Штази е повеќе од само ГДР-тема се гледа и од други податоци. Над 400.000 барања за пристап до актите, или повеќе од 12% се од западните германски покраини. Глобалниот интерес за датотеката на Штази се рефлектира и во статистиката на доставените барања од странство – над 21.000 од 100 земји.

Во службата за актите на Штази не знаат кој стои зад овие барања – претпоставката е дека се тоа луѓе кои имале минато во ГДР. Многу од нив се преселени од Истокот на Западот во Германија или пак иселени во странство.

Службата за актите на Штази останува запаметена како успешна историска приказна. На многу земји во Источна Европа, но и во Латинска Америка и на Блискиот Исток, им служи како пример за справување со сопственото минато во диктатура. Благодарение на отворените досиеја можеше сторителите да бидат откриени и законски гонети. Жртвите во најдобар случај најдоа докази за тоа зошто им биле блокирани кариерите од политички причини. Во зависност од случај до случај, можно е и дел од нив да добијат отштета – барем финансиска.

И натаму ќе биде можна проверка дали некој соработувал со Штази

На тоа ништо нема да смени ни интегрирањето на досиејата во Сојузниот архив, бидејќи тие и натаму ќе бидат достапни за многуте жртви на самоволието на Источна Германија, како и за научници и новинари. И проверката на чиновниците од јавната администрација за можна соработка со тајните служби во минатото ќе биде можна до 2030 година. Таквиот закон помина во Бундестагот уште во 2019 година. Спектакуларни откритија за колаборација со Штази веќе се реткост. Тоа се случуваше пред сѐ во првата деценија од постоењето на службата под водство на Јоаким Гаук, кој подоцна стана и претседател на Германија (2012–2017). Активистката од источногерманската опозиција, Маријане Биртлер, го наследи на челното место на институцијата, а од 2011 година ја замени Роланд Јан, кого режимот од Источна Германија против негова волја го отпушти од државјанството и го протера во Западна

Претходничката на Јан сакаше Службата за досиејата од Штази да остане во првобитната форма. И поранешниот портпарол Кристијан Бос смета дека е грешка припојувањето на досиејата кон Сојузниот архив. „Истражувањето на Штази фактички ќе биде завршено“, вели историчарот на прашање на ДВ и додава дека спротивните тврдења се „замена на тези”. Тој смета дека е еклатантен пропуст што компјутерски поддржаната реконструкција на искинати досиеја е „фактички мртва”. Таквиот налог на Бундестагот не бил исполнет.

Јан не се согласува со него. „Наша желба е да се продолжи процесот”, вели тој, но признава дека има технички проблеми за кои е неизвесно дали некогаш ќе се решат.

Бос сега е прв човек во „Граѓанскиот комитет 15 јануари”. Тоа е здружение кое има за цел сочувување на поранешната Штази-централа во Берлин. Сојузниот архив како иден управител на досиејата, според него, прифаќа „комплицирано наследство”. Роланд Јан пак смета дека страхувањата оти со затворање на институцијата ќе биде повлечена црта на процесот, се неосновани. „Архивата на досиејата од Штази останува присутна како меѓународен пример и по интеграцијата во Сојузниот архив.”

Не е случајност што мандатот на Јан заврши на 17 јуни, датумот кога во 1953 година имаше народно востание во Источна Германија кое беше задушено со помош на советските војници. Втората револуција во поделената Германија 1989/90 беше успешна. Таа го означи крајот на комунистичката диктатура и беше крунисана со повторното обединување на западна и источна Германија.

 Извор: дв

Back to top button
Close