Доста ни е од твојата одбрана премиере. Разлади малку!
Зуфер Бајрами
Кулминација на цинизмот е кога премиерот на државата учествува на седница на парламентарната комисија што ја разгледува најголемата трагедија во историјата на земјата само “како добиен облог“ на предизвикот од опозицијата дека тој нема да присуствува таму.

Безобразлук е кога негова прва изјава по седницата на која родителите од Кочани ја изложија својата болка, премиерот наместо да покаже емпатија се пожали на “негативна атмосфера“ и им сугерираше на новинарите да известуваат за чистиот воздух во Скопје.
Се согласувам со премиерот дека чистиот воздух навистина е голема вест, ретко се случува да имаме чист воздух кај нас. Но најголемата вест е обидот на премиерот да ја засени трагедијата во Кочани со “добри вести“ за временските услови.
Откако се појави на големата политичка сцена нашиот премиер цело време некого од нешто не брани.
Ги брани Македонците од Албанците. Ја брани државата од Бугарите. Го брани буџетот од корумпираното судство. Го брани шефот на АНБ со JULIA-диплома по англиски.
Со тврдиот став кон Бугарија, тој всушност ги брани сите идни земји кандидати од идни уцени. Со кинеските пари преку унгарскиот кредит сме одбранети од сиромаштија, а со договорот со Велика Британија како што рече, ја брани “Европа од Европа“ тоест ја брани западната цивилизација.
И така, до недокрај можеме да продолжиме со долгата листа на “херојства“ на премиерот.
А при крај, како што бара и премиерот, овој текст планирав да го завршам на повесела нота.
Па понатаму ќе пишував дека според она што можеме да видиме до сега, премиерот и владата како што рече и Фрчкоски, повеќе личат на “чувари на плажа во зимски период“ или на “спасители“ кои ги туркаат луѓето да скокаат во празниот базен што го спомнува Мерсел Билали, отколку на вистински бранители на нечиј интерес.
Но, вчерашниот брутален напад на редакцијата и новинарите на Инфомах од човек кој очигледно сакаше да го одбрани премиерот од зборови со боксови, мислам дека е индикатор дека провербиалната “одбрана“ влегува во една сосема нова фаза на напад.






