Дрон со експлозив слета во бугарско одморалиште
Бугарското Министерство за одбрана денеска соопшти дека испратило специјална единица за проверка и деактивирање на беспилотно летало со експлозив што во неделата вечер слетало во црноморскиот град Тјуленово.
„Синоќа околу 21 часот и 30 минути на 112 е примена пријава, нешто по 22 часот, просторот беше опколен од полиција со забрана за пристап на луѓе и користење на терасите на угостителските објекти“,
изјави Маријан Зечев, градоначалник на Шабла, општина во која спаѓа и Тјуленово.
Тој додаде дека дронот е пронајден на карпите покрај закотвените бродови на тоа место.
По увидот, тимот ќе одлучи како да се ослободи од дронот, се вели во соопштението на Министерството за одбрана, во кое се додава дека тимот е испратен на барање на регионалните власти.
Туристичкиот град Тјуленово се наоѓа на 70 километри од романската граница. Бугарските медиуми објавија дека беспилотно летало со експлозив слетало во неделата доцна навечер.
Како што објави Нова.бг, повикувајќи се на сведоци, дронот бил долг меѓу 3 и 3,5 метри.
Се наведува и дека имал контејнер со експлозив.