Државниот инспекторат за труд за вработувањата во М-НАВ: Кога станува збор за вработен, нерелевантно е кој чиј роднина е

Кога станува збор за вработен, нерелевантно е чиј роднина е, вели директорката на Државен инспекторат за труд Весна Томовска по информациите во јавноста дека во Македонска навигација (М-НАВ) се вработени блиски роднини на владини функционери.

„Кога станува збор за вработен, за нас е неважно чиј роднина е. За нас сите се вработени. Така што, доколку постои повреда на право од работен однос или незаконита постапка на вработување, во тој случај за нас важен е поимот вработен и работник. Дали е тој роднина на кој било, за нас е ирелевантно. Значи, надзорот ќе се спроведе на начин и постапка согласно закон. Инспекторатот не врши истрага. Инспекторатот спроведува инспекциски надзор. За истрага е задолжен друг орган“,

 

рече Томовска денеска одговарајќи на новинарски прашања.

Таа додаде дека надзорот во М-НАВ е извршен согласно одлука на Владата и вели дека досега таму немаат извршено инспекциски надзор.

 

„Надзорот во М-НАВ е направен согласно одлуката на Влада. И да, во претходните години немаме извршено инспекциски надзор. Меѓутоа, без разлика дали ќе имаше ваква одлука Инспекторатот постапува и по допрен глас во услови кога има одредени неправилности коишто укажуваат во делот на правата од работен однос“,рече Томовска.

На прашањето дали ќе се прошири истрагата во М-НАВ, со оглед на последните обвинувања дека таму се вработени роднини на функционери, Томовска рече дека со оглед на тоа што и Управата за финансиска полиција изврши надзор во М-НАВ најверојатно ќе треба да се искоординираат и со нив во тој дел и потоа да се види дали надзорот ќе се прошири или ќе остане и кој од двата органи ќе ги врши и дополнителните инспекциски надзори.

Прашана кога се очекува да биде готов записникот од инспекцискиот надзор, Томовска рече дека за еден ваков пообемен надзор најмал временски период во кој може да се изготви записникот е една недела.„Согласно Законот за инспекциски надзор, ние имаме рок за изготвување на ваквите инспекциски надзори подолг временски рок. Значи, да оставиме да си ја завршат инспекторите професионално работата, да ги утврдиме сите факти и докази за во јавноста да не има понатамошни шпекулации во делот на она како и што се случило во делот на постапките за вработување кај работодавачот“,додаде Томовска.

Тројца инспектори на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) од минатиот четврток почнаа со вонреден надзор во Македонската навигација откако инспекторатот доби вакво задолжение од Владата на последната седница.

Пред нив, инспектори од Управата за финансиска полиција влегоа во Македонската навигација каде што се вршат проверки на целокупното финансиско работење на ова акционерско друштво.

Контролата и увидот во работењето на М-НАВ, како што информираат, се прават врз основа на направен извештај.

Проверките во М-НАВ од Управата за финансиска полиција ги најавија по инцидентот што се случи кога неколку непознати лица упаднале во објектот на Македонската навигација, предизвикале вербална расправија и нападнале дел од вработените.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела одговарајќи на новинарски прашања во врска со инцидентот во М-НАВ, изјави дека Македонската навигација е на ниво на семејна фирма во која има вработувања до трето колено и дека затоа таму се случуваат конфликти кои обично ги има по дома. Поради тоа, рече тој, Владата и Еуроконтрол треба посериозно да се занимаваат со оваа институција и да се испита начинот на кој се прават конкурсите за вработување, како и критериумите и начинот на селекција на кандидатите.

Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски во интервју за „Топ тема“, рече дека не се плаши од најавените трудови инспекции и повика тие да почнат од него, но потоа инспекцијата да спроведе контрола и врз останатите вработени. Како што истакна, интересот за вработување во М-НАВ е за местата кои имаат многу мала или никаква одговорност.

Денеска, коментирајќи ја изјавата на премиерот Димитар Ковачевски од минатата недела во врска со семејни вработувања во Македонската навигација, пратеникот и член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вели дека првиот човек на Владата е селективен во пристапот околу ова прашање.

Милошоски рече дека премиерот со едното око гледа кон претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасески и му наоѓа семејни врски, додека се прави дека не гледа оти членови на блиското семејство на актуелни министри во Владата и функционери од редовите на ДУИ се вработени во М-НАВ.

По инцидентот од 4 јануари со упадот во објектот на Контролата на летање и напад на вработените, што се случија по реакциите и оспорувањата од Синдикатот за спроведувањето на последниот оглас за вработување и работата на раководството на М-НАВ, Владата на седница, минатиот вторник даде насоки надзорниот одбор на М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, и секторскиот извршен директор во М-НАВ, Љубе Стаменковски, а на нивните места да ги именува Хекуран Асани, односно Милан Кораќ.

За упадот во Македонската навигација, осомничени се вкупно осум лица, од кои петмина се достапни за на истражните органи и на нив им е одреден 30-дневен куќен притвор. Меѓу нив е и шефот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири. По останатите тројца полицијата и понатаму трага.

Back to top button
Close