Државните институции купиле 142 нови возила во последните две (кризни) години
Државните институции во двете кризни години купиле 142 нови возила за кои платиле 3,6 милиони евра. Најскапото возило чинело 47 000 евра. Најмногу се купени возила од марката „шкода“. На 83 проценти од тендерите имало само по една понуда. Повеќе од 40 отсто од набавените возила се поскапи од 30 илјади евра.
Според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, во текот на кризниот период од март 2020 наваму, нови патнички возила набавиле 42 државни институции. Набавени се вкупно 142 патнички возила за три милиони и 609 илјади евра. Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.
Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, која доскорешните „пасати“ ги замени со 45 нови „шкода суперб амбишн“.
Како и претходните години, така и во последните две, следен според број на набавени нови возила е Државниот пазарен инспекторат, кој купил 11 „ситроен Ц3“ и 10 „фиат типо“, или вкупно 21 ново возило.
На трето место, со шест нови хибридни возила „хјундаи ајоник“, е Агенцијата за електронски комуникации.
Повеќе од 40 отсто од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најскапи три купени возила се „шкода суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра – и двете на Државата видеолотарија, а на трето место е „хјундаи соната“ на Агенцијата за електронски комуникации, по цена од 43 илјади евра.
Меѓу марките возила се чини дека и натаму омилена марка на функционерите е „шкода“, која со 60 возила води на листата, како и претходните години. Долгогодишното второ место на „Фолксваген“ му го презеде „Фиат“ од коде што се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „Ситроен“.
Од поединечните модели најзастапен е „шкода суперб“ од кој се набавени 48 возила, од „Фиат“ води моделот „типо“ од кој се набавени 15 возила, а од „Ситроен“ моделот „Ц3“ од кои се купени 12 возила.
Меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“, со скоро два милиони евра, „МИ-ДА гранд моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра. Кумановската „Делукс-ауто“ паднала од второ на четврто место со 168 илјади евра.
Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа, односно дури на 83 отсто од тендерите имало само по една понуда.
Фактот што од една страна има голем број дистрибутери на нови возила во земјава, а друга страна на тендерите се јавувал само по еден понудувач, го отвора сомнежот дека институциите доминантно си купувале такво возило какво што сакале, се наведува во истражувањето.
Анализата е врз основа на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки и директно од државните институции. Во истражувањето се опфатени само набавките на патнички возила и не се опфатени т.н. комерцијални возила, односно товарните, работните и возилата од технички карактер. Исто така, вклучени се само новите возила, а не и набавените половни возила. Некаде се вклучени и возила во чиј опис на набавка пишува дека се транспортни, но всушност се набавени возила кои можат да служат и како патнички, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Владата вчера донесе пакет антикризни мерки за рационализација на трошоците на институциите од јавниот сектор, со кои, меѓу другото, се забранува набавка на нови возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.