Државното раководство во отворена конфронтација со ЕУ

Соња Крамарска

Дипломатските ракавици се симнати, македонскиот државен врв отворено се подбива со извештајот на Европската комисија, но дали е тоа паметна стратегија или е израз на немоќ?

„Извештајот не говори само за евалуираниот, туку и за евалуаторот“- рече претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова за оценките за напредокот на Македонија кон ЕУ спакувани во овогодинешниот извештај на Европската комисија. Ова е досега најексплицитната анти – ЕУ порака на шефицата на државата кон Европската унија со која таа се бори уште од преземањето на највисоката политичка функција во државата.

Претседателката рече и дека ако има натпревар за политичка спремност за членство во ЕУ, ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето. Сиљановска-Давкова само ги повтори ставовите на премиерот Христијан Мицкоски но со други зборови. Мицкоски вели дека земјава е подготвена повеќе отколку Албанија и цинично додава дека ако Македонија ги направеше бараните уставни измени ќе добиеше позитивен извештај. Тој прати абер до Брисел и дека „ако може и да не сме Македонци ќе бидеме најдобри, некој ни прави булинг за да не сопре да напредуваме кон ЕУ”. Партијата, пак, ВМРО-ДПМНЕ на која Мицкоски е претседател, извештајот го нарече „извештајче“ во обид да го девалвира неговото значење и да ја омаловажи Европската комисија.

Оттука веќе нема никаква дилема дека македонскиот државен врв премина од прикриено непријателство, во отворена конфронтација со Европската унија. Целта е пред домашната јавност да го зајакнат посакуваниот наратив дека Брисел се однесува негаторски кон Македонија и дека става сопки на интеграцијата, но дека сегашната власт ќе го одбрани достоинството на државата и на македонскиот народ.

 

Орбан пријател и на Груевски и на Мицкоски

Тоа не е ништо ново ниту невидено. Да се потсетиме дека во последните две години власт на претходната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски, беа присутни исти такви жестоки критики кон меѓународната заедница. Кон извештаите на Фридом Хаус и Репортери без граници и кон секоја надворешен политичар кој ќе дадеше негативни оцени за ситуацијата во Македонија. И тогаш како и денес со ловорики за пријателство кон нашата држава беше овенчан само унгарскиот лидер Виктор Орбан, но и тогаш се покажа дека неговото пријателство било само кон личностите на врвот а не и кон граѓаните.

И тогаш како и сега Македонија имаше претседател со негативни ставови кон меѓународната заедница. Сега, се чини таквата реторика е подигната на уште повисоко ниво па Сиљановска-Давкова наместо претседателски ставови ја преферира својата „цивилна“ улога на професорка и држи часови на странските политичари за тоа што се копенхашки критериуми, како треба да се третираат малцинства во една земја и што се наоѓа во темелите на ЕУ.

Таквите ставови ги галат душите на разочараното граѓанство од предолгиот пат кон ЕУ за кој дел од одговорноста е и на Унијата. Вистина е дека Македонија стори сѐ што досега бараше меѓународната заедница и вистина е дека по промената на името на државата, Европа не го исполни својот дел од договорот. Но вистина е и дека со грогираното судство, корупција од темелот до врвот на општествената и политичка пирамида, слабите економски перформанси, па и нивото на демократијата – Македонија заостанува од европските стандарди. Погледнете на пример како се однесува владејачката партија која издава секој ден десетици соопштенија за противничката СДСМ и состојбата во која се најде по големиот изборен пораз. Погледнете ги и премиерските изјави кон судиите и обвинителите кои не се ништо друго туку јавен притисок од позиција на моќ врз судската власт. Или она што боли најмногу – за трагедијата во Кочани никој не понесе политичка одговорност.

Дел од таквиот мозаик е и големата ПР акција за чистење на Скопје од отпад која на јавноста и е презентирана како најголем политички успех не само на градската власт туку и на Владата, до таа мера што лично и премиерот се вклучи во нејзината изведба и реклама пред јавноста.

И ВЛЕН во патриотското оро

Сѐ се тоа симптоми на држава која е далеку од ЕУ, и држава во која партијата го има главниот збор а не институциите. Кој не верува нека се врати назад и на деновите по првиот и вториот круг кога министерот за одбрана Владо Мисајловски во работно време додека е шеф на одбраната, држеше партиски прес-конференции за изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ. И што е уште по опасно, тоа не предизвика никаква политичка или општествена реакција, иако е показател дека партијата повторно се издига како зол дух над државата.

Но оваа лажна патриотска храна нема долго да ги држи сити граѓаните. Тоа се ситни калории во замена за вистинските достигнувања кои Македонија ќе ја вбројат меѓу државите кои се дел од европската сцена. И чии граѓани не се малтретирани на гранични премини со административни процедури за заштита на европските народи од криминал и тероризам. За жал граѓаните на Македонија која дома е достоинствена и „горда“ надвор од нејзините граници остануваат без достоинство и со изгубена гордост стоејќи во специјалните редици за државјани на земјите кои се надвор од ЕУ.

Дали државното раководство посакува таква иднина на својата земја и на својот народ? Ова е вистинското прашање на кое треба да одговори Владата.

За жал на ова оро се фати и албанскиот партнер во власта ВЛЕН, кој при влегување во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ рече дека „уставните измени ќе бидат направени најдоцна за шест месеци по формирањето на Владата“. Дури, рекоа и дека тоа им бил условот за влез во Владата. Но привилегиите да се биде власт ги збришаа овие ветувања и сега ВЛЕН цврсто држи приклучок со поголемиот партнер во власта. Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, кој е од ВЛЕН, е практично невидлив во власта, а невидлива е и неговата улога на главен преговарач со Европската унија.

Од реакциите по извештајот на Европската комисија, станува сѐ поизвесно дека сегашната политичка гарнитура која ја води Северна Македонија веќе нема за што ни да разговара ни да преговара со ЕУ.(dw)

Back to top button
Close