ДУИ: Четири месеци молк од Бурим Латифи за штетата од 19,3 милиони евра – до каде стигнаа Обвинителството и Антикорупциската комисија со скандалот во МЕПСО?
Демократската унија за интеграција преку соопштение бара одговори за случајот во МЕПСО, откако, како што велат од партијата, поминале речиси четири месеци од нивните први јавни обвинувања и барањето за одговорност од директорот Бурим Латифи.

Од ДУИ посочуваат дека јавноста сè уште не добила целосни информации за одлуките поврзани со спорот што, според нив, може да има повеќемилионски финансиски последици за државното претпријатие.
Според информациите што ги наведува партијата, во предарбитражната постапка пред ДАБ, МЕПСО го загубил спорот во вредност од околу 19,3 милиони евра, додека одлуката била во корист на поранешната компанија „Енергоинвест“. Случајот сега продолжува во арбитражна постапка, во која МЕПСО треба да ги застапува своите позиции и побарувања.
ДУИ во соопштението отвора прашања и за новиот повеќемилионски договор што МЕПСО го склучил со конзорциум предводен од „Далековод“, во кој учествуваат и „Кодар Енергомонтажа“ од Белград и „Елнос БЛ“ од Бања Лука.
Од партијата бараат да се утврди кој ја донел одлуката за раскинување на претходниот договор, кој ги проценил правните и финансиските ризици и кој ќе понесе одговорност доколку државата претрпи дополнителна штета во арбитражната постапка
Дополнително, ДУИ прашува до каде се постапките на Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата, откако пред четири месеци побара надлежните институции да го испитаат случајот.
„Јавноста има право да знае: дали е отворен предмет, кои дејствија се преземени и дали се истражуваат договорите, одлуките и евентуалната одговорност за финансиската штета?“, прашуваат од ДУИ.






