ДУИ: Град Скопје ги коригираше сликите, но повторно го изостави албанскиот јазик

Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше откако Град Скопје ги коригираше влезните билборди по реакциите во јавноста, оценувајќи дека и по измените албанскиот јазик повторно бил изоставен.
Од партијата тврдат дека тоа покажува оти станува збор за свесна одлука да се игнорираат албанскиот јазик и мултиетничкиот карактер на главниот град.
„Во двојазичен град, исклучувањето на албанскиот јазик од официјалните натписи претставува тешка политичка и институционална провокација и прекршување на законот“, наведуваат од ДУИ.
Партијата бара итна корекција на билбордите и поставување натписи и на албански јазик, како што велат, во согласност со законските одредби и реалноста на Скопје.
Од ДУИ додаваат дека, доколку законот не биде спроведен, ќе ги преземат сите правни, институционални и демократски мерки за заштита на албанскиот јазик.
Во реакцијата, партијата упати критики и кон коалицијата ВЛЕН, оценувајќи дека таа сноси политичка одговорност за, како што наведуваат, континуираното игнорирање на правата на Албанците.






