ДУИ: Изборот на новиот заменик-директор на МРТ е брутално заробување на јавниот сервис
Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро ја осуди одлуката на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) за избор на Џулиан Шабани за заменик-директор, оценувајќи дека таа е донесена спротивно на законските одредби и професионалните стандарди.

Од партијата велат дека станува збор за сериозен пример на политичко заробување на јавниот сервис, институција која, како што наведуваат, им припаѓа на сите граѓани и се финансира со јавни средства.
„Изборот на лице кое не ги исполнува законските услови за работно и раководно искуство претставува директно кршење на законите и уште еден удар врз професионалноста и независноста на МРТ“, соопштија од ДУИ.
Според партијата, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за административни службеници јасно пропишуваат дека релевантното работно искуство се стекнува по завршување на соодветното образование, на работни места за кои се бара тоа ниво на квалификација. Тие посочуваат дека законите предвидуваат најмалку осум години професионално искуство и четири години искуство на раководна функција, критериуми кои, според нив, во конкретниот случај не биле исполнети.
ДУИ тврди дека избраниот кандидат првиот испит на високообразовна институција го положил во 2020 година, дипломирал во 2024 година, а претходно работел во трговија со текстил, без, како што наведуваат, ниту еден ден работен стаж во новинарството.
Од партијата сметаат дека ова претставува опасен преседан и сигнал дека јавниот сервис се става под директна политичка контрола, наместо да функционира како независен и професионален медиум во служба на јавниот интерес.
„Јавноста заслужува одговор на едно едноставно прашање: како е можно кандидат кој пред само еден месец не ги исполнувал законските услови, поради што конкурсот бил поништен, денес одеднаш да ги исполнува истите тие услови?“, прашуваат од ДУИ.
Партијата бара од Државната комисија за спречување на корупцијата итно да отвори постапка и да го поништи, како што велат, незаконското именување. Воедно, го повикува Јавното обвинителство да ја испита евентуалната кривична одговорност на членовите на Програмскиот совет кои ја донеле одлуката.
ДУИ апелира и до Здружението на новинарите на Македонија, Советот за етика во медиумите и меѓународната заедница да реагираат, оценувајќи дека е нарушена независноста на јавниот радиодифузен сервис.
Инаку, претходно денеска МРТ соопшти дека Џулиан Шабани е именуван за заменик-директор на јавниот сервис. Според информациите објавени од МРТ, тој има повеќе од 20 години професионално искуство во медиумите и работел во TV HANA, TV ERA, ALSAT-M, МРТ, A1 Телевизија и TV21. По образование е дипломиран на Факултетот за администрација и менаџмент и има магистерски студии по меѓународна комуникација.
На јавниот конкурс за избор на заменик-директор се пријавиле осум кандидати, а Програмскиот совет соопшти дека програмата за работа на Шабани била оценета како најдобра, по што тој бил избран на функцијата. Со неговото именување се пополнува позицијата заменик-директор на МРТ, која беше непополнета од 2021 година






