ДУИ отпочна сеопфатна партиска реформа и ветинг во партијата
Демократската унија за интеграција (ДУИ) попладнево соопшти дека го отпочна сеопфатниот процес на реформи и ветинг во партијата, предводени од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството на партијата.
Како што се посочува во партиското соопштение, оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, поставувајќи, како што велат, нов стандард за политичките партии во регионот.
-Пратениците од ДУИ го отпочнаа процесот на реформи со проценка на ризик од корупција и го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ. Овој кодекс е усогласен со Кодексот за добра практика на полето на политичките партии, усвоен со Резолуција на Венецијанската комисија и на Парламентарното собрание на Советот на Европа, соопштуваат од ДУИ.
ДУИ, како што се наведува во соопштението, покрај пратениците, решително продолжува со проширување овој процес на ветинг таргетирајќи ги сите високи партиски функционери, членовите на Претседателството на партијата и раководството на локалните партиски ограноци.
-Со стратешкиот акциски план ДУИ има за цел не само да го зајакне ставот на партијата против корупцијата, туку и да ја поттикне културата на интегритет во политичките процеси. Како предводник на овие реформи, ДУИ поставува преседан за другите политички партии. Оваа иницијатива ја потврдува посветеноста на ДУИ за владеење на правото и ја демонстрира одлучноста на партијата за справување со корупцијата во сите сегменти. ДУИ е посветена на градење исклучителен институционален и личен интегритет, нагласил претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Нашиот пристап, велат од ДУИ, е сеопфатен и добро планиран, со фокус на поединци со силен интегритет кои, како што посочуваат, ќе ја бранат антикорупциската агенда и ќе го движат процесот на ветинг. Посочуваат дека преку стратешките акции и непоколеблива посветеност, ДУИ останува посветена и решителна да предводи реформи преку својот личен пример, со крајна цел да изврши значајни промени во партијата, како и во националната рамка на владеење.