ДУИ: Стоилковиќ наредил отстранување на натписите и ознаките на албански јазик на Агенцијата за примена на јазиците

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини дека вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Столковиќ наредил отстранување на натписите и идентификациските ознаки на албански јазик на Агенцијата за примена на јазиците. За постапките на Стоилковиќ, кого ДУИ го обвини за институционален напад врз албанскиот јазик, како што велат од опозициската партија, молчат и ВЛЕН и владата.
Седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: „360 степени“
„По притисоците врз албанската администрација и континуираните обиди за иселување на Агенцијата за примена на јазиците од постојните простории, сега започнаа и конкретни акти на бришење на албанскиот институционален идентитет, преку отстранување на таблите и натписите на албански јазик под смешното образложение за ‘реновирање’. Уште од првите денови на формирањето на оваа влада постоеше одлука и јасен план за протерување на Агенцијата од објектот каде што функционира“,
велат од ДУИ обвинувајќи ја власта дека води координиран проект за слабеење и маргинализирање на примената на албанскиот јазик.
Најскандалозно, според интегративците, е тоа што коалицијата ВЛЕН не реагира. Таквиот молк, како што велат, не е политичка неспособност, туку соучество и потчинување пред антиалбанските политики на владата. Албанскиот јазик, велат од ДУИ, не е декор што се отстранува по наредба на Стоилковиќ и со молкот на ВЛЕН, туку уставна категорија, стекнато право и црвена линија што Албанците нема да дозволат да биде допрена.






