Двајца браќа осомничени за убиство и обид за убиство во Арачиново, жртвата му должела 7 000 евра на нивниот починат татко
Двајца браќа од Арачиново се осомничени за вчерашното пукање во кое едно лице почина, а едно е тешко повредено. Според информациите што попладнево ги соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, браќата – едниот на возраст од 23, другиот од 30 години – со умисла го лишиле од живот лицето кое имало долг од 7 000 евра кон нивниот починат татко, а се обиделе да го лишат од живот и неговиот син.
„Двајцата браќа се договориле да се најдат со таткото и синот, при што постариот брат тргнал кон нив физички да се пресмета, а помладиот извадил огнено оружје – пиштол и испукал неколку пати кон оштетените, нанесувајќи им повеќе прострелни рани. Кај нападнатиот татко настапила смрт, додека неговиот син се здобил со тешки телесни повреди“,велат од Обвинителството.
По пукањето, двајцата браќа со автомобил веднаш го напуштиле местото.
Постариот брат (30) подоцна е пронајден и лишен од слобода, а по помладиот (23) и натаму се трага.
ОЈО Скопје до Кривичниот суд достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. За лицето во бегство притворот ќе се применува од неговото пронаоѓање и приведување. Осомничени се дека како соизвршители сториле по едно кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 1 и по едно кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик