Двајцата Бугари осудени за шпионажа во корист на Русија се ослободени и депортирани од Велика Британија

Двајца од бугарските државјани осудени во Велика Британија за шпионажа во корист на Русија се ослободени од затвор и се депортирани, објавија британските медиуми.
Според објавите, станува збор за Вања Габерова и Иван Стојанов, кои биле пуштени на слобода по издржување на задолжителната половина од затворските казни.
Габерова во мај 2025 година беше осудена на шест години затвор, додека Стојанов доби казна од пет години и три недели.
На нивното ослободување реагираше истражувачкиот новинар Христо Грозев, кој беше една од целите на шпионската група.
„Двајца од шпионите кои минатата година добија затворски казни во Велика Британија за шпионирање против мене и Роман Доброхотов, како и за заговор за наше киднапирање или убиство, беа ослободени откако ја издржаа задолжителната половина од казната. Жал ми е што никој не се потруди да ги извести жртвите“, изјави Грозев, пренесува британскиот весник „Експрес“.
Вања Габерова во Велика Британија беше позната како „кралица на трепките“, прекар што го добила откако во 2019 година победила на натпревар во индустријата за убавина.
Габерова и Стојанов беа дел од групата од шест бугарски државјани кои беа осудени на вкупно 50 години затвор поради шпионажа во корист на Русија.
Според британското обвинителство, групата, предводена од австрискиот државјанин Јан Марсалек, спроведувала операции за следење низ Велика Британија и Европа, насочени кон новинари, руски дисиденти, политички личности и украински војници.
Британските медиуми наведуваат дека двајцата биле ослободени согласно законските правила, по издржување на задолжителниот дел од затворската казна, по што биле депортирани од Обединетото Кралство, објави Скопје1.мк






