Дваесетина повредени по руски напад врз историскиот центар на Лавов

Руски дронови денеска го нападнаа историскиот центар на западниот украински град Лавов, при што се повредени најмалку 17 лица.
Градоначалникот Андриј Садови изјави дека 17 лица се лекуваат во болниците по нападите со руски дронови. Тој извести за удари во неколку делови на градот, забележувајќи дека една станбена зграда била погодена двапати.
Воениот администратор Максим Козитски на Телеграм напиша за штети во историскиот центар на градот. Стариот град е под заштита на УНЕСКО како светско наследство и беше додаден на листата на загрозени локации во 2023 година поради руската инвазија, која трае повеќе од четири години.
Нападите дојдоа по бранот руски воздушни напади во текот на ноќта во кои загинаа четири лица, а десетици беа повредени ширум земјата, според украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Вкупно имаше над 390 дронови и 34 ракети од различен тип – балистички, крстосувачки и наведувани бомби“, напиша Зеленски на Телеграм. Пријавена е штета во 11 региони, а бројни луѓе се повредени, додаде тој.






