Двајца или тројца луѓе биле потребни за да се извлече едно лице од дискотеката, сведочеше пожарникар за трагедијата во „Пулс“

Спасувањето на заглавените лица во дискотеката „Пулс“ во Кочани ноќта на трагичниот пожар било исклучително тешко поради големиот број луѓе натрупани пред влезот. Во некои случаи биле потребни двајца, па дури и тројца спасувачи за да извлечат едно лице, сведочеше пожарникарот Благојчо Паунов на судско рочиште против 13 полициски раководители и старешини обвинети за безбедносни пропусти поврзани со трагедијата во која загинаа 63 лица.
Паунов, кој бил дежурен во Територијалната противпожарна единица во Кочани ноќта меѓу 15 и 16 март 2025 година, сведочеше како сведок на одбраната на обвинетите полициски службеници. Неговиот исказ се однесуваше на пристигнувањето на пожарникарите, состојбата што ја затекнале пред објектот и начинот на кој се одвивало извлекувањето на настраданите.
Според сведочењето, дојавата за пожарот била примена во 2:35 часот, по што првото противпожарно возило пристигнало пред дискотеката за околу пет минути. Возилото застанало на десетина метри од влезот, бидејќи просторот бил исполнет со паднати и повредени лица, од кои дел биле свесни.
„Се сеќавам дека кога пријдовме на влезната врата, имаше многу заглавени лица на вратата. Во тој момент имаше само мал чад што се гледаше“, сведочеше Паунов.
Тој објасни дека влезот бил затрупан со луѓе до висина на неговата глава, поради што спасувачите не можеле веднаш да пристапат до внатрешноста на објектот. Според неговата процена, натрупаните тела го ограничувале и дотокот на кислород, што веројатно придонело пламенот да се намали.
Пожарникарите веднаш започнале со извлекување на настраданите, но брзо увиделе дека задачата е исклучително тешка. Едно лице не можело самостојно да извлече човек во бессознание, па често биле потребни повеќе спасувачи за да го изнесат на безбедно.
„Многу беше тешко, двајца, па и тројца луѓе вадевме едно лице“, рече Паунов.
Поради тешкотиите, тој побарал помош од полициските службеници и цивилите присутни на местото. Посебно му се обратил на полицаецот Драган Петрушев, познат како Казак, за да собере што повеќе луѓе што би можеле да се вклучат во спасувањето.
На прашањето од адвокатот дали Петрушев му помогнал, Паунов одговори дека работеле во мешани тимови.
„Како мешани тимови извлекувавме заедно“, изјави пожарникарот.
Во спасувањето учествувале пожарникари, полициски службеници, припадници на обезбедувањето и цивили. Според сведокот, обезбедувачите веќе биле исцрпени од претходните обиди да ги извлечат заглавените лица, па помошта од другите присутни била неопходна за да продолжи акцијата.
Во најдолниот дел од насобраните луѓе, спасувачите забележале две девојчиња кои сè уште биле свесни и барале помош. За да стигнат до нив, морале да клекнат и да пристапат одоздола, додека другите тимови продолжувале да ги извлекуваат лицата над нив.
Секое извлечено лице веднаш било пренесувано до паркингот, каде што имало медицински екипи и претставници на Црвениот крст.
Откако бил расчистен поголем дел од влезот, пожарникарите започнале да навлегуваат во објектот со водни линии за гасење на пожарот. Во меѓувреме, добиле информации дека има заглавени лица и во просторијата означена како билетарница, од десната страна на дискотеката.
Паунов сведочеше дека таму затекнал десетина лица во бессознание, како и други кои сè уште биле свесни и барале помош од делот што водел кон главниот простор на дискотеката. Тој повторно излегол надвор за да побара дополнителна помош, по што спасувачите заеднички продолжиле со извлекувањето на луѓето од задните простории и од просторот кај влезот.
Според неговиот исказ, пожарот бил локализиран околу 4 часот наутро, додека целосното гаснење завршило околу 5 часот. Гасењето не можело да започне веднаш по пристигнувањето на екипите, бидејќи прво морало да се извлечат луѓето натрупани пред влезот. Пожарникарите почнале со гасење пет до десет минути подоцна, кога тоа станало возможно.
На денешното рочиште, адвокатите го прашувале Паунов и дали полициските службеници имале безбедносна опрема за спасување каква што користеле пожарникарите. Тој одговорил дека полицајците немале таква опрема. Во вкрстеното испрашување, обвинителката Спасенка Андонова потсетила дека во спасувањето учествувале и цивили, кои немале ниту полициска заштитна опрема.
Сведочењето се одвива во судската постапка против 13 полициски раководители и старешини, обвинети дека не постапиле согласно планот за акциска контрола во дискотеката „Пулс“, кој бил одобрен на 14 март 2025 година, два дена пред трагедијата. Обвинителството тврди дека не биле спроведени сите неопходни проверки од надлежност на МВР, а дел од обвинетите не им дале конкретни насоки на полицајците испратени да ја извршат контролата.
Според обвинението, полициските службеници не ги презеле потребните мерки за откривање прекршоци и кривични дела, ниту направиле процена и управување со ризикот, иако станувало збор за објект со голем број посетители. Обвинителството наведува дека преполнетоста и масовното туркање кон излезот довеле до паѓање на посетителите во ходникот, а обвинетите не презеле мерки што би овозможиле побрзо и побезбедно напуштање на објектот.
Во пожарот загинаа 63 лица, а повеќе од 230 беа повредени, од кои дел се здобиле со тешки и животозагрозувачки повреди. Тринаесеттемина полициски службеници се обвинети за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството ги товари дека со своето непостапување придонеле за трагичните последици од пожарот.






