Дванаесет земји предупредуваат на зголемен ризик од нуклеарен инцидент во Украина

Група од дванаесет земји денеска, за време на специјалната седница на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена, предупреди на зголемениот ризик од нуклеарен акцидент во Украина.

Во заедничката декларација на Белгија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Романија и Велика Британија се наведува дека руските напади врз енергетската инфраструктура негативно влијаат врз нуклеарната безбедност, носејќи ја земјата на раб на катастрофа. Тие посочија дека на нуклеарните централи им е потребно сигурно надворешно напојување со електрична енергија за ладење на радиоактивниот материјал.

Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, во својот говор исто така потврди дека оштетувањето на трафостаниците ја поткопува нуклеарната сигурност.

Од друга страна, рускиот претставник во МААЕ, Михаил Улјанов, ги отфрли овие тврдења како лажни, додавајќи дека украинските централи можат лесно да се справат со нападите.

Back to top button
Close