Две Бугарки краделе паричници, па ваделе пари од картичките на пензионери – им ги наоѓале пиновите

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје побара притвор за две државјанки на Република Бугарија, осомничени за серија дрски кражби низ главниот град. „Мета“ на крадливките биле граѓани во јавниот превоз и трговските центри, а она што загрижува е леснотијата со која успевале да извадат пари од украдените картички – жртвите си ги носеле ПИН кодовите запишани во паричниците.
Според обвинителството, првата осомничена „оперирала“ во пет наврати, а во последниот случај ѝ се придружила и втората осомничена.
Кражба во „Седумка“: Од 2.600 до 32.600 денари штета
Еден од карактеристичните случаи се случил на 4 април 2025 година, во автобус на ЈСП со број 7, на потегот од поликлиниката „Букурешт“ до центарот на градот („Рекорд“). Осомничената вешто украла паричник во кој имало 2.600 денари. Но, вистинската штета настанала подоцна.
„Кога оштетениот се јавил во банка за да ја блокира сметката, му било соопштено дека од банкомат веќе му биле подигнати 30.000 денари“, откриваат од Обвинителството.
Серија кражби во трговски центри
Крадливката продолжила со активноста и во август 2025 година, кога во еден скопски трговски центар извршила три кражби. Првично украла кеш и предмети во вредност од 39.000 денари. Кај една од жртвите, повторно успеала да го искористи моментот и од банкомат, во два наврати, повлекла вкупно 60.000 денари.
Тандемот „падна“ на 4 јануари 2026 година, кога двете Бугарки заедно украле паричник во мол. Иако украле вредност од 3.000 денари, овој пат нивните обиди да извадат пари од банкомат биле неуспешни.
ВНИМАНИЕ: Не чувајте ПИН кодови во паричник!
Обвинителството открива детаљ кој треба да биде лекција за сите граѓани, особено за повозрасните.
„Постојат индиции дека во двата успешни обиди за повлекување пари, осомничените користеле ПИН кодови кои жртвите, повозрасни лица, ги чувале запишани во своите паричници“, велат од ОЈО.
Поради ова, покрај за кражба, обвинителот истражува дали тие сториле и кривично дело „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. За двете странски државјанки е предложена мерка притвор.






