„Две решенија за дивиот премин кај Бит-пазар – семафор или уривање на надвозникот“, најави Меџити
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, најави дека се разгледуваат две можни решенија за нелегалниот и необележан пешачки премин кај Бит-пазар – поставување семафор или целосно отстранување на надземниот пешачки премин.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, Меџити рече дека поставувањето семафор е најверојатната опција, додека уривањето на надвозникот ќе се разгледува доколку тој претставува пречка.
„Разгледуваме две опции. Најверојатната е поставување семафор, а другата е да се урне мостот, бидејќи не е целосно функционален и граѓаните не го користат“, изјави Меџити.
Тој потсети дека надвозникот со години е надвор од употреба и целосно вандализиран, додавајќи дека уште пред локалните избори се залагал за негово отстранување, наместо за реконструкција.
Според Меџити, пешачкиот премин бил повторно отворен по барање на трговците од Бит-пазар, бидејќи е важен за нивното работење и за секојдневното движење на жителите на Чаир.
Осврнувајќи се и на дивоградбите, градоначалникот рече дека, според последниот извештај на Државниот завод за ревизија, Чаир е шеста општина во Скопје и десетта во државата по бројот на дивоградби.
„Се работи на дивоградбите, се реши случајот со ‘Али Тобако’, а во тек се постапки и за останатите. Земете информации прво за шесте општини што се пред Чаир, а потоа за Чаир“, изјави Меџити.






