Две сообраќајки, една по друга, утрово се случиле во скопска Автокоманда – нема повредени

Две сообраќајни незгоди, во кои учествувале пет возила, утрово се случиле една по друга во населбата Автокоманда на влезот во Скопје, потврдија за „360 степени“ од Министерството за внатрешни и работи (МВР).

Две од возилата меѓу кои утрово дошло до судир на влезот во Скопје во населбата Автокоманда / Фото: Принтскрин од видео на ТВ 21

До овој момент, како што информираат оттаму, не е пријавено дека во сообраќајките има повредени лица, а дополнително се утврдуваат околностите под кои тие се случиле.

Според МВР, во 9:26 часот во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје било пријавено дека во близина на бензинска пумпа, на влезот во Скопје, се случила сообраќајна несреќа меѓу возило „ауди“ со радовишки регистарски ознаки и автомобил „фолксваген голф“ со италијански национални ознаки.

Три минути подоцна во СВР Скопје стигнала уште една пријава за сообраќајна несреќа меѓу три патнички возила на булеварот „Александар Македонски“ во скопска Автокоманда.

„Во 9.29 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. ‘Александар Македонски’ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу три патнички возила ‘пежо 306’ со скопски регистарски ознаки, ‘форд фокус’ со бугарски национални ознаки и ‘сеат леон’ со скопски регистарски ознаки. До овој момент нема пријава за повредени лица. Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје“,се вели првичната информација од МВР.

Според видеото што го објави телевизијата 21 од сообраќајките, може да се забележи дека тие се случиле на растојание од околу педесетина метри.

Засега нема информации за причините за сообраќајките, како и за предизвиканата материјална штета.

Back to top button
Close