Двегодишно дете се затруло со лекови во Куманово, втор случај за две недели

Уште еден случај на затруено дете во Куманово. Според информациите се работи за двегодишно дете, кое вчера било донесено во кумановската болница откако се затруло со лекови.

„Вчера во 14:28 часот во СВР Куманово лекар од Општа болница Куманово пријавил дека кај нив било донесено двегодишно дете кое било затруено со лекови. Детето вчера било примено на Одделението за педијатрија, каде му била укажана медицинска помош, по што денеска било пуштено на домашно лекување“ соопштија од општата болница Куманово.

Од кумановската полиција информираат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.

Ова е втор случај на труење на двегодишно дете во Куманово за две недели. Неодамна, двегодишно дете беше затруено откако испило средство за разредување боја.

Лани, во кумановскиот регион беа евидентирани неколку случаи на труење кај деца, во дел од кои тие проголтале средства за чистење и дезинфекција, а во неколку и лекови.

Back to top button
Close