Ќе дадам дозвола за собирот на поранешните водачи на ОВК во сабота во Чаир. Тоа е демократско право вели Меџити

На прашањето дали лично би учествувал во протестот, Меџити не одговори директно, додавајќи дека како градоначалник на Чаир, на чија територија ќе се одржи протестот, ќе даде согласност за негово одржување
Коментирајќи го најавениот протест, премиерот Христијан Мицкоски на минатонеделниот брифинг изјави дека Ахмети прави погрешен чекор и рече дека е убеден оти неговиот коалициски партнер ВЛЕН нема да даде поддршка за собирот

Поранешниот прв вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој е еден од лидерите во владејачката коалиција ВЛЕН, изјави дека во принцип го поддржува протестот што в сабота во Скопје ќе го организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг.

Изет Меџити, градоначалник на Чаир од редовите на ВЛЕН / Фото: „360 степени“ (архива)

Ваквите коментари Меџити ги дал во изјава за косовскиот медиум „Вокс Косова“, каде што нагласил дека протестот е демократско право и дека Ослободителната војска на Косово (ОВК) е национална гордост.

„Во принцип, да (го поддржувам). Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост“,изјави Меџити.

На прашањето дали лично би учествувал во протестот, Меџити не одговори директно, додавајќи дека како градоначалник на Чаир, на чија територија ќе се одржи протестот, ќе даде согласност за негово одржување.

„Протестот ќе се одржи на плоштадот во општината каде што сум градоначалник. Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро“,додаде Меџити.

Протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Судот во Хаг е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Протестот ќе се одржи во сабота на плоштадот „Скендербег“ со почеток од 13 часот.

„По Приштина и Тирана, сега и Скопје ќе зборува за вистината и правдата! Војната на ОВК беше и останува праведна, ослободителна и поддржана од демократскиот свет. Правдата за борците за слобода не може да се гради врз политички обвинувања и измислени докази од страна на Србија и Русија. Како што бевме покрај борците на ОВК во Приштина и Тирана, така ќе застанеме и во Скопје, горди и решителни во одбрана на нашата вистина“,објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во официјалната покана за протестот.

Коментирајќи го најавениот протест, премиерот Христијан Мицкоски на минатонеделниот брифинг изјави дека Ахмети прави обид да се мобилизира пред партискиот Конгрес на ДУИ, но оцени дека ова е погрешен чекор поради кој во иднина тешко ќе може да најде политички партнер. Според Мицкоски, протестот дополнително ќе го изолира лидерот на ДУИ и ќе го обележи како генератор на нестабилност во државата.

Мицкоски рече дека е убеден оти неговиот коалициски партнер ВЛЕН нема да даде поддршка на протестот.

 

Back to top button
Close