Џеј-Ди Венс: Конфликтот во Украина нема да заврши наскоро

„Сега кога секоја страна ги знае мировните услови на другата страна, останува на Русите и Украинците да постигнат договор и да го запрат овој брутален конфликт“, вели американскиот потпретседател

Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс вели дека војната во Украина нема да заврши наскоро.

Според Венс, на Русите и Украинците е да постигнат договор и да го запрат, како што вели, овој брутален конфликт.

„Сега кога секоја страна ги знае мировните услови на другата страна, останува на Русите и Украинците да постигнат договор и да го запрат овој брутален конфликт“вели Венс во интервју за „Фокс њуз“.

Тој во интервјуто вели дека Украинците се лути заради инвазијата, но она што го постави како прашање е дали ќе продолжат да губат илјадници војници за, како што вели, неколку километри територија во еден или во друг правец.

„Ова нема да води никаде. Ова нема да заврши наскоро“, додаде Венс.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, вчера, за истата телевизија изјави дека ако наскоро не дојде до вистински пробив во војната во Украина, американскиот претседател Доналд Трамп ќе мора да одлучи уште колку време да посвети на преговарачкиот процес.

„Наскоро треба да има вистински пробив во врска со војната во Украина или претседателот на САД Доналд Трамп ќе мора да одлучи колку повеќе време ќе посвети на ова прашање. Мислам дека знаеме каде е Украина и знаеме каде е Русија во моментов. Тие се поблиску, но сепак се далеку“рече Рубио во интервју за „Фокс њуз“.

Рубио, пред два дена, предупреди дека САД ќе се повлечат како посредници во преговорите доколку Русија и Украина не достават конкретни предлози за прекин на војната.

Цитирајќи го Рубио, портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус, рече дека е време двете страни да достават конкретни предлози за тоа како да се стави крај на конфликтот. Доколку не биде постигнат напредок, Соединетите Држави ќе се повлечат како посредници од овој процес.

Државниот секретар на САД пред неколку дена изјави дека следната недела е клучна во преговорите и дека од тоа ќе зависи одлуката на САД дали ќе продолжат да посредуваат во напорите за ставање крај на војната. Порача дека САД не можат да продолжат да одвојуваат време и ресурси ако Киев и Москва не постигнат договор.

 

Back to top button
Close