„Ќе му се јавам на татко ти“ утре премиерно на Сараевскиот филмски фестивал

 Краткометражниот филм „Ќе му се јавам на татко ти“ по сценарио и режија на Леон Ристов утре ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал кој се одржува онлајн. Ќе биде дел од селекцијата „Тин арена“ (Teen Arena), која прикажува филмови што го испитуваат односот помеѓу тинејџерите и светот.

Филмот раскажува за средношколецот Дамјан (Александар Андоновски) кој е претепан од маалски врсници, па мајка му (Николина Кујача) настојува  проблемот да се реши цивилизирано и му се јавува на поранешниот сопруг (Оливер Митковски) за да се справи со ситуацијата.

„Ќе му се јавам на татко ти“ е независна филмска продукција. Проектот е целосно финансиран од  Wesleyan Summer Grants, во продукција на „Џолев и уметностите“, со постпродукциска поддршка од Machina Production Skopje.

– Идејата за филмот ја добив додека бев во прва година од филмските студии на Wesleyan University во САД, каде што студирам со целосна стипендија веќе три години. Дознав дека кариерниот центар при Wesleyan нуди летни грантови за искуства кои би го унапредиле професионалниот развој на студентите. Оттука, решив да аплицирам за овој грант со филмот и успеав да го добијам. Скромната сума ја посветив на повратен лет и квалитетна опрема. Снимавме три дена во населбата Аеродром и во симпатично уредениот стан на мојата баба. Најдрага ми беше довербата од страна на искусни професионалци како што се актерите Николина Кујача и Оливер Митковски и директорот на фотографија Владимир Димоски. Со нив се запознав првпат со тоа што им го испратив сценариото за проектот. Фактот дека ја прифатија соработката со мене ми потврди дека имаме шанса да создадеме квалитетен филм, изјави Ристов.

Од сабота до крајот на Сараево филм фестивал (22 август), „Ќе му се јавам на татко ти“ ќе биде достапен за изнајмување од веб-страницата ondemand.sff.ba од секаде низ светот.

Back to top button
Close