Ќе ни се збогува ли Орбан утре?!
Мерсел Биљали
Овој свет нема да биде уништен од атомска бомба, како што пишуваат весниците. Тој ќе се уништи од смешни, банални и глупави политичари – вели шпанскиот писател Карлос Руиз Зафон, кој добро знае дека лудите политичари од државата знаат да прават лудница!

Екстремните конфликти меѓу шиитите претставени од Иран и сунитите претставени од Саудиска Арабија добиваат на интензитет по доаѓањето на ајатолахот Хомеини на чело на Иран во 1979 година. Со тоа се создаде екстремна тензија во целиот регион, во име на некакво „егзистенцијално прашање“ меѓу двата табора, кои би трабеле да се борат додека еден од нив не исчезне. Не е само Нетанјаху тој што бара исчезнување на Иран, туку уште повеќе тоа го посакува наследникот на саудиската круна Мохамед бин Салман (МБС), познат по големите реформи и модернизацијата на Саудиска Арабија. Без дилема дека освен Натанјаху, и најсилниот човек на Саудиска Арабија и регионот Мохамед бин Салман (МБС) го убеди Трамп дека е погодно време да го нападне бруталниот режим на Иран. МБС дури го спореди иранскиот лидер ајатулах Кхаменеи со Хитлер. Всушност, Иран на двајцата ајатолахи Кхомеини и Кхаменеи со години е дестабилизирачки фактор низ целиот сунитски регион. Има многу водачи со долг јазик и куса жалба да го држат зад забите.
Иран и Саудиска Арабија се во силна конкуренција кој ќе го предводи исламскиот регион. Едната претендира тоа да биде шиитизмот, а другата сунитизмот. Последниве 40 години стотина илјади жртви има во меѓусебните крваво војни. Оттука, освен Натенјаху, и саудискиот најмоќен човек Мохамед бин Салман (МБС) е тој што го убедил Трамп дека е погоден момент иранскиот режим да падне, бидејќи значително е ослабнет од протестите со над 30 илјади жртви. А Нетанјаху најде погоден момент за да го заташка сопствениот судски процес за корупција. И така тој секогаш е победник конс секој здрав разум.
Неколку години по доаѓањето на Кхомеини на власт, поточно во 1987 година Иран започна ептен насилен конфликт во Мека (исламско свето место), каде што беа убиени над 400 луѓе, што значително ги влоши и така лошите односи меѓу Саудиска Арабија и Иран. Со американско влијание, огнот некако бил изгаснат, но сепак остана уште многу жар во дното. Во текот на годините 1990-2000, се чинеше дека има одредено смирување меѓу шиитите и сунитите, но брзо изби конфликт околу тоа која опција треба да го води исламските свет. Во 2003 година, САД направија клучна грешка со соборувањето на сунитскиот ирачки диктатор Садам Хусеин во Ирак -земја со шиитско мнозинство. На следните избори, шиитите и таму ја освојија власта, а влијанието на екстремистичките ајатоласи во регионот видно зајакна.
Охрабрен од тоа, Иран ги засили прокси силите во регионот (Хезболах во Сирија и Либан, Хутите во Јемен и шиитските малцинства во земјите од регионот итн). Фрустриран од шиитскиот експанзионизам во регионот, саудискиот крал им ја даде на САД најголемата воена база „Крал Фахд“ во Саудиска Арабија. Илјадници американски војници пристигнаа таму, со стотици милијарди долари оружје. Самиот претседател Обама потроши над 60 милијарди долари во тој регион. Во тоа време, Саудиска Арабија значително го зголеми производството на нафта, што помогна во стабилизирањето на светските цени на нафтата, со цел да се спречи Иран да влијае врз центрите на моќ. Односите меѓу Саудиска Арабија и Израел видно беа подобрени, но без помпезност. Во меѓувреме, Саудиска Арабија, почна да размислува за програма за нуклеарно оружје. „Ако Иран произведе атомска бомба, и ние ќе го направиме тоа“ – рекоа Саудијците. Иако постојат религиозни пречки на таа идеја.
МБС го убедил Трамп да нападне!?
Нападот врз военоподбуцнувачкиот Иран изгледа дека е идеја повеќе на МБС отколку на Нетанјаху, убеден дека со исчезнувањето на раководството таму, лесно ќе се промени режимот и ќе го вратат умереното кралското семејство Реза Пахлави. Било планирано главно оружје да биде сунитската нафта, САД и Израел. Но, тоа се покажа како ептен погрешно. Го изгасна дури и тоа движење за промени.
Во 2025 година, Израел со помош на САД го уништи системот од стотици центрифуги за збогатување на ураниум, но сепак програмата остана жива. Иран дополнително ги зајакнал прокси силите околу Саудиска Арабија – шиитските Хути во Јемен (кои се 31% од тамошното население), Хезболах во Либан и бројните шиитски малцинства во околните сунитски земји, вклучително и во Саудиска Арабија. Со нивна помош Иранците го контролираат и важниот теснец Баб ал-Мандеб, кој го поврзува Арапското море со Црвеното море и Суецкиот канал, низ кој се одвива околу 12,5% од светската трговија. Да потсетиме дека во 2015 година, Саудиска Арабија се обиде да го собори јеменскиот режим и да ги парализира Хутите, но по неколку години подоцна, тамошните Хути, од Иран добија голем број беспилотни летала и крстосувачки ракети и го нападна саудиското нафтено поле Абхак и рафинеријата Кираи, која преработуваше околу 7 милиони барели нафта дневно, што го преполови саудискиот извоз на нафта. Цената на нафтата скокна за рекордни 20% за само еден ден.
Претходниот режим на Јемен отвори фронт против иранските прокси, и загинаа над 350.000 луѓе, од кои 70% беа деца. Подоцна падна под иранско влијание. Во Сирија, Иран силно го поддржуваше Башар ал-Асад, но тој беше соборен од координирани сили меѓу Саудиска Арабија, домашните бунтовници и Турција. Со тоа падна во вода иранскиот коридор: Техеран – Багдад – Аман – Бејрут – Медитеран. Но, цената е над половина милион луѓе убиени, а околу 8 милиони избегаа од земјата. Потоа Иран, преку своите прокси, го нападна Бахреин, но Саудиска Арабија интервенираше и таа акција пропадна. Меѓувреме, шиитското малцинство организираше востание и во самата Саудиска Арабија, предводено од шеикот Нимр-Ел Нимр. Тој беше убиен, па Иранците ја запалија саудиската амбасада во Техеран. Следеше прекин на дипломатските односи и воведување санкции врз Иран.
Сега Иран има среќа што САД имаат претседател кој се негира себеси секоја минута. Се фали, се жали, се заканува, вика, навредува, а состојбата уште повеќе му се влошува. Разреши бројни професионалци во врвот во политиката и војската на САД, и сега самиот си ја кине косата! Го фрли НАТО на колена, а потоа го проколна што не помогна! Нема НАТО без јато. САД без НАТО се без рака, а Европа без нога. Така е кога некој е без мозок! Сега неговите ултиматуми траат пократко од ехото на гласот на планината. Започнува со благодарност кон некого, а завршува со навреди кон таква личност. Спомнува пари оти знае дека кога се во прашање парите дури и ѓаволот цитира божји книги. Oва е тажната реалност на најдемократската држава во светот. Во меѓувреме, Иран се однесува како победник во војната и самоволно врши астрономски плаќања за транзитот низ Ормуз кој има статус на меѓународен теснец исто како Босфор, Гибралтар, Магелан, Малака, Баб ал Мандеб итн.
МБС постојано врши притисок врз Трамп да не прифати слабо решение, но никој не знае што би прифатил Џеј Ди Венс! Точката 3 од предлог-договорот за прекин на огнот предвидува повлекување на американските бази од регионот и суспендирање на сите санкции ставени од Советот за безбедност (а тоа не е во надлежност на САД, туку на ОН). Секоја страна, пред својата јавност, ги користи само тие афирмативни точки што нејзе и одговараат, а тоа сама по себе значи американска слабост. Иран инсистира нејзиниот атомски потенцијал да биде под надзор на МААЕ (Меѓународната агенција за атомска енергија), а таа е во рамките на ОН, што Трамп ич не ја есапи! Чудо невидено! САД веќе воопшто не го спомнуваат смената на иранскиот режим!
Иран се согласува со пакистанскиот план, но сака општо примирје, а не делумно. Првата фаза е глобално примирје и отворање на Хормуз. Тука се напорите на Пакистан, Турција и Египет. Претходно, во канцеларијата на Трамп, една дама одржа емотивен говор со евангелистичка суштина, за оправданоста на употреба на каква било воена сила, што во исто време се коси со мултирелигиозна Америка. А башка што Христос не претпочита насилство, тој дури се моли за своите насилници. „Молитвата е исправна ако ја прави човек кој има срце“ – вели Дитрих Бонхефер
А каде сме ние?
При вакви опасни води, ние мирно лежиме во евтин сплав кој се движи кон диви води и опасен водопад. Не сфаќаме дека омилениот наш Орбан најверојатно утре низ солзи ќе се поздрави од нас. И нема аманет за нас оти не постои таков. Ќе не остави да пловиме без компас освен ако опасните водопади не ги сметаме за такви. Никако да разбереме дека сме премала држава за големи глупави игри. Голото националистичко политиканство не само што е многу штетно туку често и погубно. Со години низ човечки судбини и страдања градиме кули од соништата, кои ќе се уриваат штом се разбудиме, ако имаме среќа во евтини колиби и потрошувачки корпи до контејнерите!
Власта прави кобни грешка кога манипулира со емоции, оти така се сече токму гранката на која се седи. Наместо да ја завршиме работата и да се качиме во голем сплав, ние продолжуваме да градиме заедништво со помош на омразата! Се гордееме со работи од кои нормалниот свет се срами. Францускиот предлог не е француски туку европски, дури многу неутралци мислат дека се добри отстапки за Македонија. Долгогодишната негација на државноста и етничноста е исклучена. Другото си е обична техника. Лук и вода. Познато е дека ако не го добиете тоа што го сакате ќе ве натерат да го засакате тоа што ќе го добиете! Довербата е скапа ама знае евтино да се продаде.






