Ќе поднесеме жалба на пресудата, најави адвокатот на екс директорот на Геријатрија, Мехмеди


Адвокатот Скендер Мехмеди, бранител на поранешниот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина Мухсин Арифи и на вработениот Блерим Амити, изрази незадоволство од пресудата во случајот „Геријатрија“ и најави жалба до Апелациониот суд во Скопје.

Тој посочи дека не е задоволен од висината на изречените казни – четири години затвор за Арифи и една година и десет месеци за Амити, како и од одлуката за притвор, оценувајќи дека судот можел да изрече поблаги мерки, имајќи го предвид однесувањето на обвинетите и околностите на случајот.

Од друга страна, обвинителката Искра Хаџи-Василева изјави дека Обвинителството е задоволно што Судот ги прифатил аргументите и што е докажана вината на обвинетите, додавајќи дека по добивањето на писменото образложение ќе се изјаснат дали висината на казните е соодветна.

Судијката Ленка Давиткова при образложението наведе дека при одмерувањето на казната биле земени предвид тежината и начинот на извршување на делото, степенот на кривичната одговорност, опасноста од повторување и фактот дека кривичните дела биле сторени со цел стекнување имотна корист.

Back to top button
Close