Ќе се стави ли Уставен на страната на Љутков и ќе го поништи колективниот договор за култура?
Уставен суд денеска ќе го „падне“ Колективниот договор за култура дознаваме неофицијално.
Според нашите информации само една судијка била „за“ законот додека големо мнозинство смета дека треба да биде прогласен за противуставен.

Иницијатива за оценување на неговата уставност е поднесена од адвокатот Томислав Стефков.
Од Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ) воочи седницата велат дека ова е денот кога културните работници ќе добијат одговор – дали Колективниот договор, кој го чекаа 30 години, го преговараа 15 години и цели 9 месеци чекаа да започне неговата финансиска реализација по потпишувањето, ќе опстои една од ретките светли точки во културата.
-Генерации уметници и културни работници го поминаа целиот свој работен век без основни работнички права. Денес, кога тие права конечно се стекнати со долгогодишна борба, трпение и истрајност, се прават обиди тие да бидат поништени. Можеби денес некој ќе биде разочаран, а некој ќе има причина за радост. Но едно е сигурно – срамот нема да биде избришан – соопштија од СКРМ.
Според Синдикатот, додека постојат луѓе кои ја создаваат културата, ја чуваат и ја бранат, таа ќе продолжи да се бори за своите права.
„СКРМ поднесе жалба до Меѓународната организација на трудот, во која, меѓу другото, се бара и мониторинг на сите судски постапки поврзани со Колективниот договор, вклучително и денешната одлука на Уставниот суд на Република Македонија“, нагласуваат оттаму.





