ЕБОР обезбеди кредит од милион евра за Шпаркасе лизинг, наменети за поддршка на мали и средни претпријатија 

 Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) продолжува со поддршката од Програмата за конкурентност на МСП во Северна Македонија обезбедувајќи кредит во износ од 1 милион евра за Шпаркасе Лизинг доо Скопје, за натамошно кредитирање на малите и средни претпријатија (МСП).

Од ЕБОР денеска во соопштение информираат дека МСП ќе можат да аплицираат за средства наменети за инвестирање во сопствена надградба, во насока на достигнување на ЕУ стандардите, квалитет на производите и безбедност, здравје и безбедност и енергетска ефикасност, каде што се вклучени инвестиции во технологија, опрема, возила, итн. Посочуваат дека се очекува најмалку 60 отсто од инвестициите да бидат во зелени технологии и енергетска ефикасност. По успешното завршување на инвестицијата, МСП ќе можат да се квалификуваат добијат поврат на средствата, т.е. грант во износ од 15 отсто од вкупната сума на кредитот. Оваа поддршка е обезбедена од Европската Унија.

Кредитот е дел од Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП  на Западен Балканпреку која ЕБОР обезбедува кредитирање, а Европската Унија која обезбедува техничка помош и грант. Од ЕБОР посочуваат дека целта е да им се помогне на малите и средни претпријатија во модернизација на активностите и да се искористат можностите за зголемување на трговијата со Западен Балкан и поширокиот европски пазар.

Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија посочи дека кредитната линија ќе им овозможи на МСП да инвестираат во конкурентноста и да ја зајакнат отпорноста, што ќе им помогне да се истакнат на локалниот пазар, но и ќе ги зголеми шансите за извоз во земјите на ЕУ.

Амбасадорот Дејвид Гир, претставник на Делегацијата на Европска Унија во Северна Македонија, порача дека пристапот до финансирање е основа за развој на било кои мали и средни претпријатија.

– Поддршката која што ја обезбедуваме дава можност за подобрување на деловните активности во однос на подобрување на вмрежувањето и подобрување на работењето. Ќе помогнеме во инвестирање во дигитална надградба и ќе користиме ресурси на поодржлив начин, зголемувајќи го еколошкото работење и натамошното подобрување на конкурентноста, рече Гир.

Марјан Манчев, директор на Шпаркасе лизинг доо Скопје го поздрави продлжувањето на соработката помеѓу ЕБОР и нивната компанија со втората кредитна транша од милион евра од ЕБОР, од кредитната линија за конкурентност, наменета за поддршка на МСП во земјата. – Се надевам дека новото финансирање со кое се овозможува 15 отсто грант за крајните корисници, ќе им помогне на компаниите во нивната транзиција кон користење на зелена енергија. Шпаркасе лизинг доо Скопје останува првата и единствената лизинг компанија на македонскиот пазар со пристап до оваа кредитна линија, потврдувајќи ја водечката улога на лизинг пазарот со силен фокус кон потребите на клиентите и еколошката одржливост, рече Манчев.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денеска има инвестирано над 2,14 милијарди евра преку 143 проекти во земјата. Банката се фокусира на проширување на локалниот приватен сектор, промовирање на регионалната и меѓународната интеграција и одржливо користење на ресурсите во земјата.

Back to top button
Close