ЕЦБ: Дигиталното евро е клучно за иднината на европскиот паричен систем
Европската централна банка (ЕЦБ) работи на подготовка на дигиталното евро и на развој на инфраструктура за порамнување на токенизирани трансакции, со што би се зајакнала улогата на европскиот паричен систем, изјави денеска членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне.
Чиполоне рече дека технолошките промени го менуваат начинот на кој луѓето плаќаат и како функционираат финансиските пазари, додека финансиските институции сè повеќе експериментираат со технологијата на дистрибуиран регистар, а имотот се претставува во дигитална форма, односно во форма на токени, објави ЕЦБ.
Според него, дигитализацијата носи значителни можности за поедноставни плаќања и поефикасно финансирање, но истовремено носи и ризик од фрагментација доколку токенизираните финансии се развиваат на затворени и меѓусебно некомпатибилни платформи без сигурно средство за порамнување.
– Прашањето не е дали плаќањата и финансиите ќе станат дигитални, бидејќи тие тоа веќе се – рече Чиполоне.
Тој истакна дека е клучно како да се обезбеди монетарниот систем и понатаму да го чува единството на парите, довербата и стабилноста, со истовремено поттикнување на ефикасноста, отпорноста и европската автономија.
Чиполоне наведе дека ЕЦБ сака да ги прошири парите на централната банка во дигиталното опкружување, со зачувување на постојниот двостепен монетарен систем во кој заедно постојат јавните и приватните пари.
Во малопродажните плаќања тоа подразбира подготовка на дигиталното евро, додека за трговијата на големо целта е овозможување користење на парите од централната банка за порамнување на токенизирани трансакции преку проектот „Понтес“.






