Еден ден од животот
За бесплатна табла јајца, во Велес настана тепачка меѓу граѓаните, но за среќа, полицијата запиша уште еден историски успех. Заведен е ред и поредок, ставена е под контрола вистинската слика за еден ден од животот на луѓето за кои е мистерија како воопшто преживуваат.
Некому можеби не му е јасно, но мнозинството во оваа земја се сериозно сиромашни, голем дел на раб на егзистенција. На почетокот на оваа недела, болните, луѓето со инвалидитет, оние кои примаат мизерна алиментација, сите овие луѓе добија месечен надоместок за февруари од Фондот за здравство. Тоа се најкревките категории во оваа земја, сосема отфрлени и понижени, напуштени луѓе кои немаат ниту здравје, ниту сила да излезат и да протестираат за своите права.
За нив нема никој кој да се бори. Нивните семејства немаат ниту минута време за марширање и борба, затоа што се единствените кои се грижат за овие луѓе, што особено го радува Фондот за здравство. Колку повеќе молк, толку повеќе безгрижен живот за луѓето кои земаат плата за да не ги интересираат болните, луѓето со инвалидитет, онаа категорија луѓе која прима срамни алиментации, зошто би се замарал овој Фонд со луѓе кои не се доволно способни. Онака способни како што во оваа држава единствено се почитувани луѓето кои јавно и арогантно се движат низ темните делови, онаму кај што можат надмено да ги исмеваат законите, да ни се потсмеваат нам, но особено на болните, луѓето со инвалидитети, оние кои земаат понижувачки алиментации, сите оние за кои никој не се интересира како воопшто живеат. Како го поминуваат долгиот ден, предолгите денови за кои се надеваат дека се смалуваат, онака како што се молат да им се намалува и животот.
Како овие луѓе ќе го поминат Велигден не е воопшто важно. Секој ден ако се преживее не е победа за нив, туку најголемо разочарување. Станува сѐ потешко и потешко за нив, како што ги одбројуваат деновите во оваа земја, за која очајнички се држат, сѐ додека сосема не паднат.
Но, со себе ќе ги повлечат особено оние кои ги сметаат за победа освојувањето на мрачните страни на законите. Тоа сега тие не го знаат, но така завршува сѐ, онака како што почнало.







