Еден од убиените срби му бил обезбедување на Вулин во 2013
Eден од тројцата вооружени Срби, убиени во неделата во акцијата на косовската полиција во Бањска кaj Звечанe, бил ангажиран како обезбедувач на сегашниот шеф на Агенцијата за разузнавање во Србија (БИА) Александар Вулин при неговата посета на Косово во 2013 година, додека бил министер за внатрешни работи – тврди министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља, јави дописникот на МИА од Приштина.
На неговата страница на Фејсбук, Свечља објави фотографија од убиениот Бојан Мијаиловиќ, за кого тврди дека како обезбедувач го придружувал Вулин за време на неговата посета на Косово во 2013 година, како тогашен министер за внатрешни работи.
„Вчера преку видео снимки го докажавме присуството на веле-криминалецот и водач на терористичката акција, Милан Радојичиќ. Во меѓувреме, денеска е потврдено дека еден од убиените, кој исто така бил учесник во тој чин, е Бојан Мијаиловиќ, телохранител на шефот на српската БИА, Александар Вулин, при неговата посета на Република Косово во 2013 година“ – напиша Свечља.
Според косовскиот министер за внатрешни, ова е показател дека Србија како држава е вклучена во нападот против Косово.
„За оваа работа, веќе постои формална и структурна поврзаност на вмешаноста на Александар Вучиќ во нападот на 24 септември во Бањска кај Звечане: Милан Радојичиќ, како потпретседател на Српска листа и телохранителот на Александар Вулин, шеф на БИА. Обајцата се исто така санкционирани на црната листа на САД. И двајцата се меѓу најблиските луѓе на претседателот на Србија“ – пишува косовскиот министер за внатрешни работи.