Една од целите на Народна банка е да ја поддржува владата, рече Славески
Новоизбраниот гувернер на Народната банка Трајко Славески, по денешната свечена изјава рече дека централната банка треба да се фокусира на трите основни цели, а тоа се ниска и стабилна инфлација, односно ценовна стабилност, финансиска стабилност и поддршка на политиките на Владата.
„Се разбира законските надлежности се дефинирани, тоа е ценовна стабилност што за Република Македонија би значело ниска и стабилна инфлација и финансиска стабилност кои ќе бидат поддршка на амбициозните политики на Владата затоа што и една друга цел на Народната банка е да ги поддржува политиките на Владата и тоа ќе бидат основните приоритети. Во изминатиот период нормално тоа беше на некој начин поттикнато од надвор од однесувањата на Светска банка и други централни банки, централните банки да ги шират своите надлежности, интереси на одредени прашања, кои се наметнуваат од поширок социјален интерес, како на пример зелена енергија и слично јас мислам дека тоа треба да се остави на другите институции и Централната банка да се фокусира на трите основни цели“, посочи Славески.
Додаде дека очекувањата на јавноста се дека ќе има стабилен девизен курст, но дека тој како професионален економист го следи и реалниот девизен курс.
Тој зборуваше за конкурентноста на македонската економија.
„Република Македонија станува поскапа за нашите трговски партнери тоа го погодува извозот, еве ни претстои туристичка сезона во нашите туристички центри имаме и откажувања на аранжмани со изговор од агенциите од странство дека Република Македонија станала релативно скапа земја. Ова значи дека ќе треба инфлацијата, стапката на инфлација да ја држиме во рамки на онаа во еврозоната. Тоа што имавме стабилен фиксен девизен курс изминатиов период се должеше на една единствена причина, нашата стапка на инфлација беше во рамкиите на онаа во еврозоната со која е врзан денарот“, смета тој.
На прашањето дали по стабилноста на курсот на денарот веднаш ќе биде воведен флексибилен девизен курс рече дека во никој случај нема да се случи тоа