Едно дете загина во поплавите во Истанбул

Локалните власти на Истанбул наредија затворање на училиштата, а државните службеници со инвалидитет и мајките со мали деца денеска се ослободени од работните обврски поради вчерашните обилни дождови што го поплавија градот.

Четиринаесетгодишно момче загина од струен удар во паркот во истанбулскиот кварт Фатих откако стапна на жица под напон.

Обилните дождови ги поплавија улиците, подвозниците, тунелите, куќите и деловните простории, а и го отежнаа сообраќајот во 16-милионскиот град.

Случајни минувачи спасија една жена од надојдената вода, додека пожарникарите извлекоа едно лице од поплавен подрум.

Локалните власти упатија апел до граѓаните да не ги напуштаат домовите освен ако е апсолутно неопходно.

Вчера во Истанбул наврнаа околу 100 литри дожд на квадратен метар. Во некои области, количината на врнежи беше значително поголема. Во Бејкоз наврнаа 210 литри дожд, 170 во Ејупсултан и Саријер, 130 во Арнавуткој и 120 литри дожд на квадратен метар во Бујукчекмеџе.

Службите за итни случаи вчера од шест до 20 часот примиле 2.518 повици, од кои 1.277 пријави за поплави, 15 за лизгање на земјиштето, 47 за заробени луѓе, 13 за паднати дрвја и два за однесени покриви.

Исто така, пријавени се штети на 76 возила, 808 станбени згради и 280 деловни простории.

Back to top button
Close