Едно од трите најстари дрвја во Југоисточна Европа се наоѓа во Скопје

Скопскиот чинар, сместен во дворот на Иса-беговата џамија, е едно од најстарите дрвја во југоисточна Европа и најстарото дрво во Скопје.
Според преданието, го засадил самиот Иса-бег на денот кога започнала изградбата на џамијата во 1475 година. Од 1993 година е заштитен како споменик на природата.
Дрвото, познато и под научното име Platanus orientalis L., е второ најстаро дрво во Македонија – веднаш по охридскиот чинар. Високо е околу 20 метри, има обем од 7,3 метри и 550 години.
Охридскиот чинар, кој се наоѓа во стариот дел на Охрид, се смета за најстарото дрво во државата. Според проценките, стар е повеќе од 1.100 години. Со својата масивна крона и огромен обем, тој е едно од најпрепознатливите природни обележја на градот и омилено место за собирање локални жители и туристи. Заедно со скопскиот чинар и уште еден чинар на Кипар, се вбројува меѓу трите најстари дрвја во југоисточна Европа.
Во близина на чинарот некогаш се наоѓала една од најголемите исламски библиотеки на Балканот, богата со дела од филозофија, логика, медицина, реторика и теологија. Тука работел и првиот библиотекар со постојана плата во Скопје.
Македонија има сооднос од 3:1 меѓу листопадни и зимзелени дрвја, а меѓу најпрепорачаните видови за урбано садење се липата, јасенот, платанот, јаворот и борот. Овие видови се особено важни во борбата со климатските промени, бидејќи врзуваат големи количества јаглерод.
Скопскиот чинар опстанува со векови благодарение на редовната грижа и наводнување од вработените во Иса-беговата џамија.
Во Скопје некогаш постоел уште еден прочуен чинар – оној кај Камениот мост, под кој во 1689 година бил погубен легендарниот војвода Карпош. Српската управа го исекла во 1928 година затоа што го засолнувал новоподигнатиот споменик.
Извор: fokus.mk











