Египет ја отвора границата за 20 камиони хуманитарна помош

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси одобри отворање на граничниот премин Рафах за 20 камиони кои превезуваат хуманитарна помош за Газа, потврди американскиот претседател Џо Бајден.

Ал Сиси и Бајден постигнаа договор поради влошувањето на хуманитарната криза во таа енклава и бројните антиизраелски протести низ Блискиот Исток.

Бајден не прецизира кога ќе се отвори границата, но портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, рече дека тоа ќе се случи кога ќе се поправи патот уништен од израелските напади. Би-би-си пишува дека границата би можела да биде отворена најрано во петок.

Египет соопшти дека преминот Рафах, витална артерија пред борбите и сега важен пат за очајно потребните резерви, не бил официјално затворен, туку бил неоперативен поради израелските воздушни напади на страната на Газа.

За време на посетата на Бајден на Израел, кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел ќе дозволи увоз на храна, вода и лекови во јужниот дел на Газа преку Египет.

„Израел нема да ја спречи хуманитарната помош од Египет сè додека тоа е само храна, вода и лекови за цивилното население лоцирано во јужниот дел на Појасот Газа или (оние) кои се евакуирани таму, и додека овие резерви не стигнат до Хамас“ соопштија од канцеларијата на Нетанјаху.

Камиони со хуманитарна помош во вторникот се приближија до преминот Рафах меѓу Египет и Газа од египетскиот град Ал-Ариш, но не можеа да влезат во Газа бидејќи немаше договор за испорака на помош.

Координаторот за итна помош на ОН, Мартин Грифитс, во средата, пред Советот за безбедност, изјави дека ОН бараат помошта за Газа да се врати на претходните 100 камиони дневно, колку што беше транспортирана пред конфликтот меѓу Израел и Хамас, бидејќи тој верува дека 20 камиони нема да бидат доволни за потребите на населението од тоа подрачје.

Откако Хамас започна крвав напад на израелска територија на 7 октомври, Израел соопшти дека воведува целосна блокада на Појасот Газа, каде што живеат до 2,3 милиони луѓе, оставајќи ги без струја, храна и гориво.

Back to top button
Close