ЕХФ Лига Европа: РК Еурофарм Пелистер посилен од Спортинг-Лисабон

 Ракометарите на Еурофарм Пелистер потврдија дека во моментов се посилен и подобар тим од португалскиот претставник во Лига Европа, Спортинг кој синоќа во Битола беше совладан со 31:25 (14:13).

Спортската јавност во земјава и Европа препозна амбициозен македонски претставник кој го надигра Спортинг во две средби, а со пласманот на второто место во првиот дел од сезоната, Еурофарм Пелистер ги потврди и намерите во оваа ракометна конкуренција за напролет.

-Публиката ни даде енергија да издржиме и да победиме. Успехот е огромен затоа што продолжи серијата од пет последователни успеси во ракометната Лига на Европа, истакна Мартин Велковски на прес конференција во Битола.

Статистички најефикасни на средбата беа Јосип Периќ и Стипе Мандалиниќ со по 7 постигнати голови како и голманот Мартон Шекељи кој имаше 10 одбрани, а кај гостите од Лисабон, бекот Салвадор Салвадор 6 пати се запиша во листата на стрелци.

Во групата „Д“ на чело е француски Ним со 9 пред Еурофарм Пелистер со 8 бодови, и токму овие две екипи, в година на 15 февруари во Франција ќе одиграат дерби натпревар за престижното место во групата.

Back to top button
Close