ЕК е подготвена со предлози да обезбеди средства за Украина без поддршка од Унгарија

Европската комисија ќе понуди можности Украина да добие европски фондови и без заедничка одлука на 27-те земји од ЕУ. Тоа го соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со белгискиот премиер Александар де Кро, по повод почетокот на белгиското претседателство со Советот на ЕУ.

Двајцата истакнаа дека целта е да се постигне заедничка европска одлука за промени во буџетот на ЕУ, со што ќе се обезбедат средствата за Киев, но важно е да се има и резервна опција. Во декември, Европскиот совет не можеше да постигне едногласност за тоа прашање поради унгарско несогласување.

Најстратешкиот приоритет на белгиското претседателство е поддршката за Украина, истакна Фон дер Лајен. ЕК ќе му предложи на Советот на ЕУ оперативно решение за договор за помош на Киев. Белгија ќе има задача да ја спроведе таа одлука што е можно побрзо, додаде таа. Според неа, неопходно е преговорите за измените во европскиот буџет до 2027 година да завршат до крајот на јуни.

Ќе предложиме преоценување на некои европски политики во наредните месеци поврзани со идното проширување на ЕУ, додаде претседателката на Комисијата.

Back to top button
Close