Екс-антикорупционерката Димитровска се враќа во Државниот завод за ревизија
Нејзиното работно место во ДЗР е во мирување и има право да се врати на истата позиција по престанокот на функцијата во Антикорупциска која ја извршуваше до вчера, објави Сител
Поранешната прва антикорупционерка, Татјана Димитровска, се враќа на старото работно место во Државниот завод за ревизија (ДЗР), потврдиле од институцијата за телевизија „Сител“.
Еден ден откако Собранието ѝ ја констатираше оставката таа поднела барање до ДЗР да се врати на позицијата помошник на главниот државен ревизор.
Првиот ревизор за „Сител“ потврдил дека го добил барањето.
Согласно решението од 5 февруари 2024, нејзиното работно место е во мирување и има право да се врати на истата позиција по престанокот на функцијата во Антикорупциска која ја извршуваше до вчера.
Судот нема изречено мерка со која на Димитровска ѝ се ограничува правото на работна ангажираност во Ревизија.
Димитровска поднесе оставка во петокот откако Обвинителството за гонење организиран криминал ја обвини за две кривични дела – оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Инаку, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе распише јавен оглас за именување на нов претседател и член на ДКСК на местото на Димитровска.