Експлозивни и нови критики кон Меган Маркл и принцот Хари
Внимателно градениот имиџ на принцот Хари и Меган Маркл како идеалниот калифорниски пар е во сериозна опасност, пренесуваат Дејли Мејл. Излегоа нови и експлозивни тврдења, во статија на Венити Фер, дека двајцата биле лоши и груби работодавци.
Експерите предупредуваат дека новите тврдења можат да го уништат имиџот на парот во Америка, и тоа токму кога се подготвуваат за големи проекти, вклучувајќи ја и претстојната серија на Меган на Нетфликс – „Со љубов, Меган“.
Наводно, многу луѓе кои работеле за Меган во минатото чувствувале дека војвотката не ги третира добро. Овие тврдења потсетуваат на сличните озборувања со кои се соочуваше парот кога живееја во Кенсингтонската палата. Според кажувањата, по работењето за Меган, некои лица од персоналот дури и почнале да посетуваат психолог.
Дополнително, еден пријател на кралското семејство посочи дека војводата и војвотката од Сасекс дозволија нивното сензационално интервју со Опра Винфри да се емитува во 2021 година, иако принц Филип беше тешко болен во болница. Дедото на принцот Хари почина четири недели подоцна.
Еден извор изјави: „Мислам дека ако Меган ги признаеше сопствените недостатоци или личниот придонес во ситуациите, наместо да глуми жртва, нејзината перцепција ќе се подобреше.“
Во критикувањето се вклучија и нивните соседи од Монтесито. Еден од соседите ги опиша како „најпривилегираните и најнеискрени луѓе на планетата“.
Кралскиот автор и истражувачки новинар Том Бауер ги опиша овие откритија како „разорни“ за Меган, особено со оглед на нејзините неодамнешни обиди да го преобликува својот јавен имиџ како топла, љубовна мајка и сопруга.