Пораз од Русија на младите македонски фудбалери во пријателски натпревар

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година загуби со 2:3 од Русија во контролниот натпревар одигран во Скопје. Четири од петте погодоци беа постигнати од пенал.

Македонија подобро го отвори натпреварот и во воведниот период имаше неколку добри ситуации преку Мехмед, Масларов и Манојлов. Сепак, Русија прва стигна до водство.

Во 36. минута гостите добија пенал, а Окишор беше сигурен од белата точка за 0:1.Русија ја зголеми предноста во 57. минута, повторно по удар од пенал. Овојпат прецизен беше Бобер за 0:2.

Македонија продолжи да се бори и во 79. минута успеа да намали. Ташовски презеде одговорност и погоди од белата точка за 1:2.

Само две минути подоцна Русија повторно постигна гол. Ахмедов беше прецизен за 1:3 и повторно ја оддалечи Македонија од позитивен резултат. Во финишот Македонија успеа уште еднаш да ја затресе мрежата. Ташовски повторно реализираше пенал во 90. минута и со својот втор гол ги постави конечните 2:3.

Ова беше прв натпревар за новиот селектор Александар Таневски, кој претходно ја предводеше селекцијата до 20 години. За Таневски ова беше прв натпревар на клупата на Македонија до 21 година. Следниот предизвик е веќе на 1 октомври, кога Македонија во Битола ќе ја пречека Црна Гора во квалификациите за Европското првенство. Четири дена подоцна следува гостување кај Шведска.

Back to top button
Close