ЕПП го бара местото претседател на Советот на ЕУ за „половина“ мандат

Европската народна партија (ЕПП) им предложила на социјалдемократите да го „делат“ местото претседател на Европскиот совет со по еден мандат од по 2,5 години, објави „Политико“ повикувајќи се на дипломатски извори.

Согласно Договорот на ЕУ, мандатот на претседател на Европскиот совет трае 2,5 години со право на реизбор. Актуелниот претседател на Советот, Шарл Мишел беше избран во 2019 година, а по истекот на 2,5 годишниот мандат беше реизбран на таа функција.

Сега ЕПП предлага Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) да го даде кандидатот во првиот 2,5-годишен мандат, а во вториот за претседател на Советот на ЕУ да биде избран претставник на Европската народна партија.

За возврат, во првите 2,5 години од мандатот на Европскиот парламент со него би раководела досегашната претседателка Роберта Мецола, која е од редовите на ЕПП, а потоа функцијата би ја презел кандидат на СД.

Договорот, според дипломатските извори, предвидува и поддршка на социјалдемократите за реизбор на Урсула фон дер Лајен на местото претседателка на Европската комисија.

Во Брисел вечерва се одржува неформална средба на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на која се разговара околу изборот на највисоките функционери во Унијата.

Back to top button
Close