Ескалација на протестите во Тирана: Демонстрантите упаднаа во полициска станица

Незадоволството на студентите во Албанија прераснува во пошироко протестно движење против владините политики, а немирите во главниот град Тирана продолжуваат и по вчерашните жестоки судири со полицијата. Демонстрантите бараат подобри услови за образование, пониски трошоци за студирање и поголема поддршка за младите, но дел од нив сè погласно бараат и одговорност од владата на премиерот Еди Рама.

Screenshot

Студентите ја обвинуваат владата за корупција, економска нееднаквост и недостиг од перспективи за младите генерации. Во протестното движење се вклучени и групи што се противат на големи инвестициски проекти на албанското крајбрежје, меѓу кои и проект поврзан со американскиот инвеститор Џаред Кушнер.

Сепак, студентските барања и пошироките антивладини иницијативи не се целосно усогласени, а учесниците немаат исти политички цели.

Во повеќе факултети и средни училишта низ Албанија е во тек бојкот на наставата, како израз на незадоволството и спротивставувањето на владините политики.

Низ улиците на Тирана младите маршираат со паролите „Рама во затвор“, „Бериша во затвор“ и „Иднината е наша“, а кон нив постојано се приклучуваат студенти од други факултети.

Бојкотот го поддржаа и студентите од Политехничкиот универзитет во Тирана, Правниот факултет, Факултетот за историја и филологија, како и Економскиот факултет при Универзитетот „Александар Џувани“ во Елбасан. Наставата е бојкотирана и во средното училиште „Партизани“ во Тирана.

Во судирите имало повредени студенти, од кои некои биле крвави, а полицијата привела најмалку 10 учесници во протестот.

Back to top button
Close