„ЕУ да ги прекине преговорите со С Македонија“, побараа демонстранти на протестот во Софија за нападот на охриѓанецот

Пред зградата на Европската комисија (ЕК) во Софија се одржа најавениот протест за поддршка на претепаниот охриѓанец, Христијан Пендиков, на кој демонстрантите побараа напаѓачите да бидат казнети и веднаш да се прекинат преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Пендиков, кој се декларира како Бугарин и е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, беше нападнат на 19 јануари ноќта во угостителски објект на кејот во Охрид.

Организатори на протестот беа од клубот „Родољубие“ и тој беше најавен како граѓански, но како што пренесува БНТ, на него присуствувале претставници на различни политички формации.

Меѓу нив беше и лидерот на ултранационалистичката партија „Преродба“, Костадин Костадинов, кој рече дека ќе го почека до вторник сослушувањето на министерот за надворешни работи Николај Милков во парламентот, за потоа да процени какви мерки може да се побараат на политичко ниво.

Европратеникот на бугарската ВМРО, Ангел Џамбаски, пак, пренесува националната бугарска телевизија, ги доставил своите барања до сите европски институции за веднаш да се прекинат пристапните преговори со Северна Македонија.

Агенцијата БГНЕС јавува дека освен пред зградата на ЕК во Софија, демонстрантите се упатиле и кон зградата на Македонскиот културен центар каде однеле црвени рози. Тие избраа црвени рози, пишува новинската агенција, бидејќи од една страна ја симболизираат непотребно пролеаната крв, а од друга се симбол на љубов.

Претепаниот охриѓанец, кој се декларира како Бугарин, вчера со владин авион на Бугарија беше пренесен на лекување во Софија.

Покрај острите реакции од бугарските политичари, бугарското МНР достави и протестна нота до амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска. Осуда за инцидентот искажа и државниот врв во Скопје, а охридското Јавно обвинителство синоќа соопшти дека отворило истрага против едно лице.

„Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – ’не ти е срам да се пишиш Бугарин‘ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот“, соопшти Основно јавно обвинителство (ОЈО) Охрид.

За осомничениот, обвинителството побара од охридскиот суд да му определи и мерка притвор.

Back to top button
Close