ЕУ со повик до Србија да се воздржи од средби на високо ниво со руски претставници

Од Европската Унија им порачаа на властите во Белград по повод посетата на руски министер под санкции, дека ставот на Брисел е „кристално јасен“ кога станува збор за односите со Русија.

Односите со Русија, велат претставниците на ЕУ, не можат да бидат нормални со сегашниот режим и во контекст на неиспровоцираната и неоправдана агресија на Русија врз Украина.

 

„Ова вклучува воздржување од состаноци на високо ниво со руски претставници“, изјави портпаролот на Европската комисија во изјава за РСЕ.

 

„Србија поднесе барање за членство во ЕУ. ЕУ сака да смета на Србија како на сигурен европски партнер кој дели заеднички принципи, вредности, безбедност и просперитет, а ни треба Србија да убеди со својата стратешка насока“, подвлече портпаролот на Европската комисија.

 

Рускиот министер за економски развој Максим Решетников беше во Белград минатата недела, каде што се сретна и со претседателот на земјата, Александар Вучиќ. Решетников, кој е под санкции на ЕУ и на САД, најави одржување на седница на Заедничкиот комитет за соработка меѓу Русија и Србија во април во Белград.

Последен пат Решетников престојуваше во Белград во октомври 2024 година. Во исто време, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше во српскиот главен град, и поради ова, таа го откажа состанокот со тогашниот премиер, Милош Вучевиќ.

Од 2012 година, Србија е земја-кандидат за полноправно членство во ЕУ. Таа ги отвори преговорите за членство во 2014 година. Сепак, Србија не напредуваше во процесот четири години, главно поради односите со Русија. Србија не се придржуваше до никаква одлука на ЕУ за рестриктивни мерки против Русија како одговор на агресијата врз Украина

Back to top button
Close