ЕУ: Тирана кон првиот кластер, Скопје во лер

 

Катерина Блажевска

Додека македонскиот туристички бисер Охрид е под посебен режим заради дводневната посета на Виктор Орбан, премиер на Унгарија и земја актуелен претседавач со Советот на ЕУ, западно од Охрид владее еуфорија. На 15-ти октомври се очекува да се одржи Втора меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, по што ќе се отворат поглавјата од кластерот 1 „Темелни вредности“. Таква одлука едногласно донеле постојаните претставници на ЕУ на вчерашната средба во Брисел, објавија регионални и медиуми во соседна Албанија.

„Се дознава дека сите земји членки на  Европската унија, вклучително и Грција,  се договориле втората меѓувладина конференција да се одржи кон средината на октомври“, наведуваат медиуми во Албанија.

Повикувајќи се на извори во албанскиот парламент, тие информираат дека на втори октомври  албанската влада ќе ја достави нејзината преговарачка позиција до Брисел, а на 15-ти октомври ќе се организира Втората меѓувладина конференција. Претседателката на собраниската комисијата за интеграции, Јорида Табаку, ги потсетила сите членови на комисијата дека документот за преговарачката позиција на албанската влада е доверлив и дека секој од нив се потпишал на изјава со која се обврзува дека нема да го објави.

Дискретни разговори и малку притисок

Албанија, исто како и РСМ, официјално ги отвори преговорите за членство во ЕУ во јули 2022 година, по што почна процесот на аналитички преглед на нејзината законска регулатива, познат како процес на скрининг. Но, одржувањето на Втората меѓувладина конференција, односно стартот со отворање на првото поглавје, беше доведен во прашање поради несогласување на Грција, по апсењето на Фреди Белери, етнички Грк, кој лани во мај беше избран за градоначалник на албанското приморско гратче Химара. Тој беше уапсен под обвинение за купување гласови, што тој го негираше, а и покрај изборната волја на гласачите, не му беше дозволено да положи заклетва.

Фреди Белери, градоначалник на Химара
Надминати несогласувањата на Грција и Албанија околу Фреди БелериФотографија: Anila Shuka/DW

Работите се сменија откако Белери (кој има двојно државјанство) беше предложен за европратеник од владејачката партија во Грција, Нова демократија, и доби место во Европскиот парламент. Тогаш албанските власти му дозволија да замине во Стразбур, да ја преземе функцијата пратеник и да гласа за избор на претседател на Европската Комисија. На почетокот на септември беше условно ослободен.

„Очигледно овој ќорсокак е надминат и кон средината на октомври Албанија ќе седне на преговарачка маса со Европската унија“, објавуваат денес албанските медиуми.

Но, информациите за тоа не се нови. Кон крајот на август министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, во разговор со новинарите најави дека Тирана веќе ги почнала подготовките за Втора меѓувладина конференција, објаснувајќи дека напредокот бил резултат на „дискретни разговори со Атина“.

„Ангажманот беше дискретен, не јавен. Јас сум голем оптимист дека оваа есен многу работи ќе придвижат напред“, изјави Хасани на крајот од август.

„Преговорите на албанската влада со грчката влада, како и притисокот што Брисел го изврши врз Атина да се откаже од блокирањето на интегративниот процес по апсењето на градоначалникот Фреди Белери, се чини дадоа резултати“, коментираше ТВ Клан Албанија.

„Доколку земјата ги исполни условите…“

Очигледно таков притисок не е извршен во случајот со РСМ, чиј услов за одржување на Втора меѓувладина конференција со ЕУ останува  спроведувањето на уставни измени,  со кои Бугарите треба да се внесат во македонскиот Устав. Албанија и Северна Македонија беа во ист пакет на интеграцискиот пат кон ЕУ, но последната одлука за Албанија практично ќе значи раздвојување на двете земји.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, по минатонеделната средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, ја поздрави Северна Македонија за геостратешката ориентација и посветеноста за пристапување кон ЕУ, но ја повика да ги почитува преземените обврски и да ги спроведува правно обврзувачките договори.

Пред две недели еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, во однос на можноста за одржување Втора меѓувладина конференција со ЕУ, во однос на РСМ го употреби терминот „можеби“, но доколку ги земјата ги исполни условите.

„Се надевам дека кластерот 1 ‘Основи’ со Албанија, и можеби со Северна Македонија би можеле да бидат отворени наскоро, откако ќе се исполнат условите поставени од Советот во случајот со Северна Македонија“, изјави еврокомесарот Вархеји.

Христијан Мицкоски, Виктор Орбан
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски ќе има средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан во ОхридФотографија: Regierung Nordmazedonien

Додека Тирана се подготвува за одржувањето на Втората меѓувладина конференција со ЕУ, Скопје се подготвува зa меѓувладина седница со Унгарија во Охрид, каде  ќе го дочека унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој денеска и утре е во официјална посета на РСМ заедно со делегација од унгарската влада и утре ќе има официјална тет-а-тет средба со премиерот Мицкоски во премиерската вила во Охрид. Во рамки на посетата ќе се остварат низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација, а утре ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница, по што ќе следи прес-конференција на двајцата премиери.

Веста за „зеленото светло“ за Албанија ги отвори првите критики за политиките на домашната власт.

„Владата нема за цел да ја внесе државата во ЕУ, ги влошува односите со соседите и повторно се враќаме назад, додека нашите соседи напредуваат, ги слушаме последните информации за Албанија…“, критикува поранешниот министер и актуелен пратеник на СДСМ, Љупчо Николовски.

„Клучното ветување во кампањата на ДПМНЕ беше дека ќе ја менуваат преговарачката рамка. Ајде сега нека обезбеди промена на преговарачката рамка со одложено дејство на уставните измени, со две раце тоа ќе го поддржиме. Нека ги убедат сите земји членки во тоа, ние ќе го поздравиме, но знаат дека тоа не е можно“, изјави Николовски на МТВ.

Собраниска комисија во Софија денеска ќе расправа за неодамнешните изјави на вицепремиерот Александар Николоски. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјавил дека ќе ги повика колегите да не дејствуваат емотивно, туку разумно и ладно.

„Не треба да изгледаме агресивни.  Тактиката на нашите колеги во Северна Македонија  е ние да бидеме виновни (…) Бугарија со ништо не го наруши добриот тон,  кажавме само ‘оставка’, што е нормално (…) Албанија го прифати бугарското малцинство, а колeгите во Македонија треба да го понесат тоа што го создале“, рекол лидерот на ГЕРБ и потсетил дека одмаздата е најубава кога е ладна, пренесе „24 часа“.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close