ЕУ воведе нови санкции против Белорусија поради присилното слетување на авионот на „Рајан ер“

– Земјите членки на ЕУ денеска се согласија за воведување дополнителни санкции против седум лица од Белорусија во врска со случајот со присилното слетување на авионот на „Рајан ер“ во Минск.

Договорот е постигнат на ниво на амбасадори на земјите членки, а треба да го потврдат и шефовите на дипломатиите, кои во понеделеник ќе се сретнат во Луксембург.

Новите санкции опфаќаат седум лица поврзани со белорускиот воздухопловен сектор.

Членките на ЕУ, исто така, се согласија за нов пакет санкции што вклучува замрзнување на имотот и забрана за патување за повеќе од 70 лица поврзани со спорните претседателски избори минатата година. Овие санкции беа во подготовка уште од пред случајот со авионот на „Рајан ер“.

Белоруските власти на 23 мај направија досега невиден потег, кога му наредија на авионот на ирската нискобуџетна авио-компанија „Рајан ер“, што леташе од Атина за Вилнус, да слета во главниот град Минск, по што го уапсија новинарот Роман Проташевиќ, еден од главните опозициски активисти и неговата девојка.

Back to top button
Close