Евакуацијата на македонските државјани од Блискиот Исток ќе почне во недела

Евакуацијата на македонските државјани од земјите од Блискиот Исток, која ќе се реализира со комерцијални чартер-летови, ќе започне во недела.

 

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија попладнево склучи договор со авиокомпанија, согласно Законот за јавни набавки, по спроведена соодветна постапка. Согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање“, соопштија од Министерството.

Од таму велат дека процесот е целосно координиран од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот.

 

„Завршувањето на постапката за јавна набавка претставува потврда за навременото и одговорно постапување во насока на заштита и грижа за македонските граѓани“, се наведува во соопштението.

 

Согласно последните податоци, заклучно со денес, Амбасадата во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација.

 

Амбасадата во Абу Даби ја контактирале вкупно 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Кралството Саудиска Арабија.

Back to top button
Close