Европратениците повикаа на регулирање на меѓународните посвојувања

Пратениците на Европскиот парламент ја повикаа Европската комисија повеќе да се фокусира на законското регулирање на посвојувањата од трети земји, во дискусијата што беше поттикната од предлогот на хрватскиот претставник Ладислав Илчиќ.

Еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали рече дека Европската Унија во моментов нема закони со кои се регулираат меѓународните посвојувања и дека областа е регулирана со Хашката конвенција од 1993 година.

Сите членки на ЕУ се потписници на таа конвенција, која гарантира дека „меѓународното посвојување се одвива во најдобар интерес на детето и со почитување на нивните основни права“, рече таа.

Дебатата во Европскиот парламент во Стразбур се одржа по приоритетното прашање на Илчиќ на почетокот на март, во кое тој пишува за актуелниот случај на осум хрватски државјани приведени во Замбија „под сомневање за експлоатација на деца“.

Илчиќ ја праша ЕК дали планира да им предложи на државите насоки за „подобри перформанси во процесот на меѓународно посвојување“, со цел благосостојба и заштита на децата и спречување на трговијата со луѓе, и дали извршното тело на ЕУ планира да „ преземе дипломатски напори за Демократска Република Конго и другите држави кои не се потписнички на Конвенцијата да се „убедат да ја усвојат“ и да ги прилагодат своите системи.

Евроомесарката во ЕП рече дека ЕК го поддржува пристапувањето на сите земји кон тој договор, нагласувајќи дека тој не е отворен за ратификација од меѓународни организации како што е ЕУ.

„Конвенцијата ја одредува процедурата за меѓународно посвојување, забранува финансиски и други придобивки при посвојувањето, обезбедува сигурност, предвидливост и транспарентност на процесот и спречува трговија со луѓе и киднапирања“, рече таа.

Дали ја нарече Хашката конвенција „успешна“, но нагласи дека се проценува дека околу 50 отсто од светските посвојувања се одвиваат надвор од неа.

Back to top button
Close