Европска федерација на новинари: Слободата на медиумите во Србија во вонредна состојба, препораки до властите на Србија и ЕУ

Во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, Европската федерација на новинари (EFJ/ЕФН) го објави извештајот на Media Freedom Rapid Response (MFRR), што содржи алармантни наоди за влошување на состојбата со слободата на медиумите во Србија, јавија српските медиуми.

Мисијата MFRR, како што објави Н1, беше спроведена во Белград и Нови Сад од 7 до 9 април, со постојан мониторинг, и утврди ситуација што може да се опише како вонредна и што бара итно внимание и акција од српските власти и ЕУ, објави ЕФН.

Иако кризата со слободата на медиумите трае со години, известувањето за трагичното уривање на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад доведе до уште поголем притисок врз новинарите низ цела Србија, вклучувајќи ги и младите новинари и студентите по новинарство, се оценува во извештајот.

Од цензура, политички притисок, зголемена контрола на медиумите, континуирани кампањи за клевета, злоупотребувачки тужби и секојдневни закани по нивните животи – медиумските работници се соочуваат со непријателска средина во која сторителите – вклучувајќи ги и државните органи и службеници – дејствуваат неказнето, се истакнува во документот.

Истрагите за закани, ретко се ефикасни, а уште поретко се завршуваат, и служат повеќе како формалност отколку како искрен обид да се обезбеди правда и заштита за новинарите. Спречени да ја извршуваат својата вообичаена работа, новинарите се соочуваат со постојани напади што го нарушува правото на граѓаните да бидат информирани слободно и непристрасно.

Меѓу наодите на MFRR, постојат и сериозни пропусти на српските власти во заштитата на новинарите, што е спротивно на заштитата на слободата на изразување предвидена со Европската конвенција за човекови права и критериумите од Поглавје 23 (Судска власт и фундаментални права) во рамките на преговорите за пристапување во ЕУ.

Клучни препораки за српските власти, вклучително и за претседателот на Србија:

– Да се ​​запре и да се осудат сите јавни напади врз медиумите и новинарите

– Да се ​​прекинат сите нелегални полициски акции против медиумите, вклучително и рациите во редакциите

– Стоп за нелегалната употреба на шпионски софтвер против новинари и граѓанско општество

– Обезбедедување соодветна обука за припадниците на полицијата и судството

– Обезбедување темелна и брза истрага за нападите врз медиумите и новинарите, вклучително и нерешени убиства

– Да се ​​обезбеди новиот процес на избор на членови на Советот на REM да биде фер, независен и транспарентен, без политичко влијание.

– Обезбедување на независноста на јавниот сервис

Препораки за Европската унија:

– Јавно да се осудат сите напади врз новинари и претставници на граѓанското општество кои добиваат закани, физички напади и правен притисок поради нивната работа.

– Јавно и постојано да ги прашуваат српските власти за статусот на истрагите за нападите врз новинарите

– Јавно да се осуди нелегалниот дигитален надзор и употребата на шпионски софтвер против новинари и организации на граѓанското општество, и да се покрене прашањето на состаноци на високо ниво со српски претставници, вклучително и претседателот на Србија.

– Разгледување на можноста за прекинување на преговорите со српските власти за Поглавје 23 се додека не се спроведат суштински и одржливи реформи во областа на слободата на медиумите, медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите.

Мисијата изразува своја подготвеност да учествува во јавни консултации и да обезбеди поддршка во зајакнувањето на слободата на медиумите во Србија.

Мисијата ја предводеше Европската федерација на новинари (EFJ), а се придружија и претставници на организациите ARTICLE 19 Europe, Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF), Free Press Unlimited (FPU), Меѓународниот институт за печат (IPI) и Опсерваторијата за Балканот и Кавказот Трансевропа (OBCT). Мисијата беше координирана со поддршка на Независното здружение на новинари на Србија (NUNS).

Извештајот е создаден како заеднички напор на сите организации што учествуваа во мисијата, се истакнува во соопштението за медиумите.

Back to top button
Close